Анѓушев: Пари добија фирми со нови производи, а не блиски до власта

Средства од Фондот за иновативност добија компании што имаат нови производи, а не компании блиски до власта, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Одговорајќи на пратеничко прашање, Анѓушев нагласи дека меѓу фирмите што добиле средства има многу чии сопственици се функционери од претходната власт, но не е коректно да се спомнуваат нивните имиња зашто тоа прави штета.

Во контекст на обвинувањата дека средства добиле фирми блиски до власта, вицепремиерот апелира да не се извртува вистината, особено кога се нема аргументи, за граѓаните да не добијат погрешен впечаток. Тоа што некои фирми ги повлекуваат своите инвестициски проекти, напомена Анѓушев, е повеќе заради сензитивноста на јавноста, а не зашто правниот аспект и законите во постапката не се испочитувани.

– Не добиле само компании блиски до власта и тоа воопшто не беше критериум. Одговорно тврдам дека ниту сум знаел кој аплицирал, ниту учествував во процесот на евалуација. Првпат во оваа држава македонските компании се изедначија со странските, истакна Анѓушев по прашањето на пратеникот Драган Цуклев.

Тој рече дека власта наследила 225 милиони евра потрошени пари и 23 класифицирани договори. – Тоа беше политиката на претходната власт. Сега, првпат во историјата на Македонија има  закон што е транспарентен и пари во Фондот за иновативност, потенцира вицепремиерот.