Анѓушев: Има пари за купување нафтени резерви, блиску сме до договор со компаниите

Има пари за купување резерви на нафта и нафтени деривати. Според она што го има како средства на сметката на Дирекцијата за складирање, апсолутно сме најдобри во регионот, а мислам и дека сме многу блиску до договор за цена со компаниите, рече денеска вицеремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Одоворајќи на новинарски прашања по настанот на кој Стопанската комора на Македонија одбележа 97 години од работењето, Анѓушев напомена дека со години наназад не е плаќано ништо за складирање на нафтените деривати.

-Пред десетина дена имавме состанок со компаниите од нафтениот сектор на кој присуствуваше и премиерот. Понудивме одредена цена. Мислам дека сме блиску со компаниите да дојдеме до решение за вредноста, истана Анѓушев.

Тој оцени дека е направен квантен скок во делот на енергетиката со носењето на Законот.

– Ако ја прочитате внимателно изјавата на Јанез Копач и соопштението ставено на веб страницата на Енергетската заедница, ќе видите многу пофални зборови за Владата, дека таа на некој начин е лидер во делот на енергетиката и во реформите во регионот. Она што треба да се направи е да се реши проблемот за складирање на нафтените резерви на државата во складиштата на приватните компании. Тоа треба да се направи со уредба во Министерството за финансии и таа се подготвува. Има препораки за вредност и цена. Но, и тоа прашање ќе биде решено. Се доцни со одредени подзаконски акти, но мислам дека е многу поважно тие да бидат квалитетни, отколку да бидат брзо донесени, подвлече вицепремиерот.

Според него, најголемиот дел од подзаконските акти што имаат реален импакт во енергетиката се во делот на обновливите извори на енергија и тие се донесени. Овозможуваат градење фотоволтаици за што, најави, ќе излезе тендер до крајот на март годинава, подготвен заедно со ЕБРД.

-Ќе се ослободи простор и за градење фотоволтаични електрани како на државно, така и на приватни земјишта ако некој тоа го има планирано. Се ослободува и простор за биогас и ветерни електрани што е револуционерен исчекор по долгогодишниот застој. Деновиве треба да се отвори нов тендер за мали хидроелектрани, вкупно 22 вкупно, со што се исцрпува можноста за мали хидриелектрани во државата, дополни заменик – претседателот на Владата.

На новинарско прашања во однос на платите, Анѓушев е дециден дека тие ќе растат и тоа, како што рече, врз основа на реалните состојби на пазарот.

-Платите не растат само заради зголемување на минималната плата, туку повеќе растат како притисок од три аспекта: се отвораат нови работни места, само до сега се потврдени 18 нови странски фабрики то ќе вработат околу 4.000 луѓе, а и македонската економија вработуваше интензивно лани и тоа се двете причини заради кои ќе има недосиг на работна рака. Воедно, добар дел од луѓето се иселуваат и секако треба да направиме тоа да престане. Таквите околности пред се ги зголемуваат платите во реалниот сектор и во реалната економија, нагласи вицепремиерот Кочо Анѓушев.