Антикорупциска ќе ги контролира изборните трошоци

Втората верзија на измени на Законот за спречување на корупција, со очекување на предлози и коментари за подобрување на текстот е објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР.

– Имајќи предвид дека важечкиот Закон за спречување на корупција е донесен во 2002 година и менуван седум пати, согледано е дека измените кои се предложени ќе надминат една третина од законскиот текст што од законодавно-правен аспект бара донесување на измените како нов законски текст, велат во соопштението од Министерството за правда. Од тие причини на целосен увид на јавноста, како што велат, го ставаат законски текст кој ги обединува Законот за спречување на корупција и Законот за спречување на судир на интереси. Од Министерството за правда посочуваат дека со измените и дополнувањата се воведуваат транспарентни постапки за избор на ДКСК со учество на невладиниот сектор и медиуми.

– Во таа насока предложени се две алтернативни постапки. Се менуваат критериумите за избор на претседател и членови на ДКСК заради деполитизација на нивната функција и се зајакнуваат надлежностите на ДКСК и се зголемува нивното финансирање – се вели во соопштението.

Со измените и дополнувањата се гарантира пристапот на ДКСК до бараните податоци за службени лица и политички партии, со цел утврдување на имотната состојба и злоупотреба за финансирање на кампања и партии. Исто така се воведува обврска сите државни органи да одговараат на барањата за информации од ДКСК, се воведуваат прецизни рокови за постапување на ДКСК по приговори за финансирање на изборни кампањи за злоупотреба на буџетски средства по теркот на распишување на избори, се даваат надлежности за увид во договори за јавни набавки во случај на сомневање за корупција со што се проширува временскиот опфат и надвор од изборен период и се воведува обврска за јавно објавување на анкетниот лист во период од две години по престанокот на функцијата и пријавување на промени во имотната состојба во тој период.

Во текстот, како што додаваат од Министерството за правда, се имплементирани препораките на ГРЕКО кои се однесуваат на измени на законска регулатива, препораките на Европската Комисија, Прибе, како и други препораки од експерти.

Од Министерството за правда ги повикуваат експертите, политичките партии и граѓанските организации да ги достават своите предлози за подобрување на текстот.