Антикорупциска не казнувала непријавување анкетни листови


Државната комисија за спречување на корупцијата не ги санкционирала функционерите што не го пополниле анкетниот лист со доаѓањето на функција, не ги заштитила укажувачите и не информирала редовно за своите активности, но ја подобрила соработката со државните органи. Ова е заклучокот од новиот квартален извештај „Следење на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата“ за периодот од 1 јули до 30 септември минатата година, спроведен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Се прецизира дека антикорупциска проверка на легислативата се спроведува, но не во целост, па така дури 13 предлог-закони на Владата не се доставени до ДКСК за задолжителна проверка на ризици од корупција. Антикорупцинерите одговориле на 916 барања за мислење од страна на државни институции за примена на Законот за спречување на корупцијата во изборен процес, и тоа за вработување на неопределено и на определено време, за постапки за јавни набавки, постапки за издавање под закуп на имот во државна сопственост, како и мислења по барања за вонредни исплати на буџетски или фондовски средства. Отворени се 18 предмети за можни злоупотреби за време на локалните избори во октомври лани. Но не се преземени санкции за неисполнување на обврските на институциите околу водење регистар на анкетните листови на избрани и именувани лица.

Врз основа на податоците објавени во ‘Службен весник на РМ’, именувани се 633 лица на функции. Од нив, за 468 лица нема објавени информации ниту во регистарот за избрани и именувани лица ниту во базата за имотната состојба. ДКСК можела, а не повела иницијатива пред надлежен суд за да изрече глоба на институција или на одговорно лице од институцијата што не доставила податоци потребни за ажурирање на регистарот“, потенцираат од МЦМС.

ДКСК не презела ниту конкретни мерки за активна примена на Законот за заштита на укажувачите и подзаконските акти што се однесуваат на обврски на јавните институциите пред ДКСК.

Полугодишни извештаи за примени пријави од укажувачи до ДКСК доставиле 41 институција. Вкупниот број институции што доставиле информација со име и презиме на овластено лице за прием на пријави од укажувачи е 65 институции. ДКСК не презела конкретни активности за да ги информира и едуцира институциите за нивните обврски“, стои во извештајот на Македонскиот центар за меѓународна соработка. (Н.В.)