Анкета: Тесна разликата меѓу Пендаровски и Силјановска

Ако утре се одржат претседателски избори, 25 отсто од граѓаните би се изјасниле за Стево Пендаровски, 22,4 проценти за Гордана Силјановска, 10,9 отсто за Блерим Река, а 17,9 отсто не би поддржале ниту еден од овие кандидати, покажува анкетата спроведена од М-проспект за ТВ Телма.

Од анкетираните, вкупно 18,3 отсто сé уште не одлучиле за кој кандидат ќе гласаат.

На прашањето „За кој кандидат ќе гласате на претседателските избори“, анкетата покажува различни резултати зависно од националната припадност. Вкупно 26,1 отсто од македонските испитаници се за Стево Пендаровски, 32,2 процента за Гордана Силјановска, а 0,9 се за Блерим Река, додека испитаниците од албанска националност, со 15,2 отсто го поддржуваат Пендаровски, 0,4 се за Силјановска, а 41,4 се за Блерим Река.

Согласно проекциите за вториот круг, ако во трка се Пендаровски и Силјановска, 32,4 отсто од гласачите би го поддржале кандидатот на СДСМ, а 26,2 процента би биле за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.