Анкета: „Горна“ поприфатливо име од „Илинденска Македонија“

Вкупно 61,5 проценти од граѓаните не се согласуваат со промена на името во Република Илинденска Македонија, додека 38,9 отсто би го прифатиле името кога земјата ќе стане членка на Европската унија, покажуваат резултатите од анекатата на агенцијата М-Проспект.

Прашани како ќе гласаат на референдум каде е поставено прашањето „Дали се согласувате со промена на името во Република Илинденска Македонија“, вкупно 61,5 проценти од испитаниците би гласале со „не“, 27,3 отсто со „да“ и 3,7 проценти со “нема да гласам“.

Од М-Проспект, наведуваат дека споредено  со  резултатите  на  теренската  анкета од  април  2018, за граѓаните додавката „Илинденска“ е  помалку прифатлива од додавката „Горна“, која би ја прифатиле 41,5 проценти од граѓаните.

Резултатите покажуваат дека со „не” би  гласале 70,5 проценти од етничките Македонци, додека за 52,8 отсто од етничките Албанци името Република Илинденска Македонија е прифатливо решение.

За симпатизерите на СДСМ овој предлог е прифатлив во 56,4 проценти од случаите додека за симпатизерите на ДУИ во 62,5 отсто од случаите. Големо  мнозинство 92,7 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ не би го поддржале овој предлог.

На прашањето како ќе гласате на референдум на кој е поставено следното прашање “Дали се согласувате со промена на името во Република Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ”, со „не“ би гласале 53,4 проценти, со „да“ 38,9 отсто и 2,8 проценти со „нема да гласам“.

Од М-Проспект, наведуваат дека споредено со резултатите од теренската анкета  во  април  2018, многу поприфатлива опција кога земјата би влегла во ЕУ е Република Горна Македонија, за која би гласале 47,6 проценти.

Резултатите покажуваат дека речиси две третини од етничките Македонци или 63,8 проценти би гласале со “не”, додека за три четвртини или 72,1 проценти од етничките Албанци е прифатливо решението Република Илинденска Македонија и тоа кога земјата ќе стане членка на ЕУ.

За симпатизерите на СДСМ овој предлог е прифатлив во 71,8 отсто од случаите, додека за симпатизерите на ДУИ во 88,8 проценти. Високи 89,5 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ не би го подржале овој предлог.

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 23 до 26 мај 2018 година на национален репрезентативен примерок од 1.047 испитаници, со веројатност на точност од 95 проценти и со грешка од +/- три отсто.