Аница Добра доаѓа во Скопје на фестивалот „Киненова“

Српската актерска ѕвезда Аница Добра доаѓа во Скопје за да ја прими наградата за особен придонес во светската филмска уметност што ја доделува фестивалот „Киненова“.

„Покондирана тиква“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“…и уште многу други филмови имаат една заедничка нишка – актерката Аница Добра. Последниве години оваа српска филмска и театарска актерка, која често се појавува во германски филмови не е многу присутна во јавноста, но овојпат таа доаѓа во Македонија, како гостинка на фестивалот „Киненова“, каде е ѕвезда на фестивалот кој и доделува специјална награда.

Добра дебитираше во краткометражниот филм „Пера Панкер“, за филмот „Веќе видено“ во 1987 година на фестивалот во Пула доби награда, подоцна во „Балкан експрес“ уште еднаш ја потврди својата актерска способност и како пејачката во филмот, а во меѓувреме настапуваше во Атеље 212 и во театарот „Звездара“.

-Не беа само деведесеттите години различни во однос на денешните прилики, туку и јас сум била различна во однос на она што сум денес. Тие години се веќе далечна историја. Крајот на осумдесеттите години беше период кога филмот во Југославија цветаше, беше во полна снага. Публиката ги полнеше кино салите и ја познаваше многу добро филмографијата на режисерите и глумците. За млад актер секако тоа беше многу подобра ситуација од оваа денес, која е доста неизвесна. Актерот можеше тие далечни години макар да добие шанса и да биде одговорен за својот пат, поточно кариера. Денес младите создавачи се многу посупериорни, пожилави, подобри од нас, но имам впечаток, поточно знам, дека многу, многу потешко доаѓаат до можност тоа и да го искажат – вели Добра.

На прашањето која и е најдрага улога, таа вели дека е онаа која ја работи во моментот.

– Секоја сум ја работела како да ми е прва и последна во животот. Така треба да биде. За рекапитулација секогаш има време – вели таа.

Играше во многу култни филмови со кои растеше и се развиваше публиката од овие простори. а за создавањето на филмот „Црни бомбардер“ Аница вели дека една од најважните работи е тоа што режисерот Сарко Бајиќ ги поттикнал глумците да учествуваат во разработка на сценариото.

– Не натера да мечтаеме и смислуваме нови сцени, а потоа ни поверува целосно дека такви изменети може да ги снимаме. Можеби тој дух, зачинет со добриот рокенрол на „Електричен оргазам“ и „Влада Дивљан“, некако генерациски беше препознаен и направи тој филм да биде гледан и слушан долги години – вели таа.