Андреа Пенезиќ од јуни во брак, семејството во прв план

Андреа Пенезиќ (32) ги игра, можеби, последните шест месеци во кариерата, пишува хрватскиот портал „24 сата“. Хрватската ракометна репрезентативка во дресот на Вардар во јуни ќе стапи во брак и решена е во целост да се посвети на семејството и на завршување на студиите во наредните години. На врвната ракометна сцена може, се разбира, да биде уште неколку сезони, па оттука и желбата за освојување на трофејот во Лигата на шампионки би бил круна на нејзините настапи, ако веќе се реализира најавата дека претстојната полусезона би можела да биде и нејзина завршна.

Ракометната кариера на Пенезиќ трае веќе 15 години. Настапуваше за Локомотива и за Подравка во Хрватска, за словенечки Крим, а од 2014 година е меѓу „црвено-црните“ од „Јане Сандански“. Клупските настапи, притоа, натежнуваат во нејзиното досие во однос на репрезентативните. Две сезони завршуваше како најдобар стрелец во ЛШ и освои две бронзи и сребро со ЖРК Вардар во елитното натпреварување на ЕХФ. Од националниот дрес, во кој досега забележа 141 настап и 633 гола, планира да се прости во натпревар од квалификациите за наредното Европско првенство.