Ангеловски: Имаме два начина да се избориме за Европско првенство, тоа е сон и цел на сите

Македонската фудбалска репрезентација денеска ги започнува подготовките за првиот натпревар од квалификациите за ЕУРО 2020 против Летонија кој се игра на 21. март на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

На првиот собир во хотелот „Гранд Плаза“ селекторот на нашата репрезентација, Игор Ангеловски, потврди дека поради повреда нема да смета на Иван Тричковски и Стефан Спировски. Сите останати, освен голманот Столе Димитриевски кој доаѓа доцна вечерва, ќе се стават на располагање веќе од првиот тренинг попладне од 18:45 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

– Добро знаеме што не очекува, тоа е старт на квалификациите за ЕП 2020. На првиот натпревар со Летонија нема да играат Спировски и Тричковски, по консултација со лекарите. Чест е да се работи со овие момци, сега целата јавност од нив бара да се пласираат на ЕП 2020. Ние одиме од натпревар во натпревар. Што се однесува до противникот, имавме доволно време да направиме детална анализа. Се работи за тим составен претежно од домашниот шампионат и ривал доста незгоден при прекините и дуел играта. Мора да внимаваме при тие работи. Не бегаме од улогата на фаворити, сакаме да победуваме против секого. Рано е да говориме за целите во овој циклус. Не би говорел за цели, Македонија има два начина да се избори за ЕП 2020, што е цел и сон на сите. Се надевам дека ќе го оствариме“, изјави Игор Ангеловски.

Ферхан Хасани, фудбалерот од средниот ред истакна дека јубилејот на Горан Пандев, 100 натпревари во репрезентативниот дрес ќе придонесе за уште поголема мотивација за наша победа.

– Во денешниот фудбал нема слаб противник, ние игравме добро на изминатите натпревар и ќе се обидеме да продолжиме во тој ритам. На мечот со Летонија имаме дополнителен мотив за победа. Да триумфираме и за Горан Пандев кој ќе настапи по 100 пат за Македонија. Тој е пример за човек и голем спортист и чест е да бидеш во ист тим со Пандев, истакна Хасани.