Огласот за издавање на Фени под закуп е транспарентен, вели стечајниот управник

Огласот за преработка на руда во Фени Индустри АД во стечај е транспарентен процес во кој условите се прифатливи за голем број светски компании од овој бизнис, информира стечајниот управник Мирослав Анастасиевски.

Во соопштение за медиумите тој посочува дека огласот е објавен во двата најтиражни македонски весници и во реномираниот меѓународен неделник „Financial Times“ јавно, транспарентно и во рамките на сите меѓународни стандарди.

– Условите наведени во огласот се минимални критериуми кои се неопходно потребни за комбинатот да започне во најкус можен рок со работа. Секој изгубен ден во оваа постапка нема економска оправданост, имајќи ја предвид моменталната цена на никелот на светскиот пазар. Огласот е во насока на избор на економски оправдана опција за преод кон нормално функционирање, се вели во соопштението од стечајниот управник.

Одговорно тврдиме, се нагласува, дека условите кои се поставени во огласот во моментов можат да ги исполнат сите големи светски конзорциуми кои работат во бизнисот за преработка на никелова руда.

– Упатуваме апел до медиумите во Македонија да не влегуваат во шпекулативни стории кои го нарушуваат угледот на државата и се во спротивност на интересите на вработените, Комбинатот и македонската економија. Единствен интерес на тимот на стечајниот управник е задржување на вработените на Фени Индустри АД во стечај на работа, брзо и ефикасно рестартирање на комбинатот и успешно завршување на обврските од стечајната постапка, се нагласува во соопштението.

Од отворањето на стечајната постапка до денес, се додава, се преземени активности во насока на заштита на интересите на вработените и Комбинатот, сите вработени се дел од овој процес и нивните права се заштитени во целост.

– Стечајот со реорганизација на Фени Индустри АД во стечај е на најдобриот можен пат кон целта – избор на стратешки инвеститор кој Фени ќе го издигне рамо до рамо со светските производители на никел, се потенцира во соопштението од стечајниот управник Мирослав Анастасиевски