Амнестијата поважна од интеграцијата


Александра М. Митевска

Со блокадата на изборот на новиот состав на ДИК виси закажувањето на референдумот. Со одолговлекувањето на референдумот ќе доцнат уставните измени. Со пролонгирањето, пак, на овие две клучни етапи од спроведувањето на договорот со Грција, ќе се развлечка и зачленувањето на Македонија во НАТО – и покрај поканата што ќе ја добиеме оваа седмица…
Ваков поразителен домино ефект се чини дека е подготвен да предизвика врвот на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа само од причина која е прилично банална во однос на евроинтеграцискиот процес како стратешка цел на државата. Таа причина се вика амнестија – на стариот партиски естаблишмент.
Ако случајно владејачкото мнозинство се согласи на условот што опозицијата им го подметна како кукавичко јајце во агендата за спроведување на договорот за името, тогаш нема да биде изненадување ако ВМРО-ДПМНЕ лесно ја проголта и промената на името. Ако треба и целата нова постава на врвот на партијата не само што јавно ќе повика на учество на референдумот, туку и ќе гласа за членство на Република Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, а опозициските пратеници, без двоумење, ќе го стиснат зеленото копче за уставни измени…
Во предвечерјето на самитот на НАТО во Брисел, кој има историско значење за Македонија, преку ноќ се стопи „полуконструктивноста“ на новиот опозициски лидер. Христијан Мицкоски кој до скоро зборуваше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „против“ договорот со Грција на претстојниот референдум, што би значело сепак придонес на опозицијата за постигнување на потребниот цензус и кој најавуваше дека ќе ги поддржи уставните измени доколку референдумот биде успешен, сега наеднаш почна да зборува за изборни правила, за финансирање на политичките партии, за преодна влада пред парламентарни избори…
Истиот Мицкоски кој пред неколку месеци побара враќање на стариот модел на ДИК на чие чело ќе биде опозицијата (и тоа му беше удоволено) и кој се согласи да учествува во донесувањето на реформските закони за правосудството, сега наеднаш почна гласно и драматично да повикува на амнестија. И тоа не за каква било амнестија, туку за настаните во парламентот на 27 април минатата година, чие расчистување и судска разрешница ЕУ веќе ги запиша како нов услов за земјава.
Ако евроатлантската иднина е стратешка цел на државата уште од почетоците на независноста, „амнезијата“ се чини стана стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку години. И таа желба редовно „воскреснува“ пред клучни пресврти за земјава на внатрешен или на надворешен план.
Многумина од набљудувачите на преговорите во Пржино, веројатно, имаат наслушнато, иако тоа не беше официјално објавено, дека тогашните претставници на ВМРО-ДПМНЕ го кочеле договорот за надминување на кризата со условувања за донесување закон за амнестија – тогаш за случаите што произлегоа од аферата со прислушувањето. Впрочем, и сега, кога Мицковски зборува за амнестија, наивно е да се поверува дека негова главна грижа се насилниците од крвавата четврточна вечер во македонскиот парламент. Од нив, се чини, само треба да почне да се размотува клопчето за она што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го нарекува помирување, а кое потоа би ги опфатило и организаторите на „крвавиот четврток“ – сѐ до главните јунаци во „опозициските бомби“. Тоа е големиот проект што ВМРО-ДПМНЕ го сонува уште откако од „Бихаќска“ почнаа да одекнуваат експлозиите од прислушуваните разговори кои суптилно навестија дека ударните тупаници на тогашната постава на „Илинденска“ ќе мора да понесат не само политичка, туку и кривична одговорност за многуте грешки во чекори во текот на нивното децениско владеење. Токму тој процес сега се обидува да го стопира новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое стигна на врвот поради тоа што претходното беше притиснато да замине оттаму.
Но, како што кликата околу Никола Груевски ја одолговлече ама не успеа да ја оневозможи смената на „Илинденска“, така и кликата околу Мицкоски, со условите што сега ги поставува, можеби, ќе го пролонгира донекаде спроведувањето на преспанскииот договор, а со тоа и зачленувањето на Македонија во НАТО. Ама малку е веројатно дека ќе успее да го врати назад тој процес што веќе напредува со голема брзина.
И под претпоставка врвот на ВМРО-ДПМНЕ да успее да издејствува некакво помилување за своите претходници, треба да знае дека во иднина не треба да се надева на амнестија за себе за кочењето на евроатлантските перспективи на Македонија. Можеби за тоа нема да бидат кривично гонети, ама еден ден ќе треба секако да понесат политичка одговорност.