Алиша Киз домаќинка на Греми 2019

САД- Поп-ѕвездата и добитничка на 15 Греми Алиша Киз (37) ќе биде домаќинка на 61. Греми награди кои ќе се доделат на 10 февруари во Стејпл центарот во Лос Анџелес. Прв пат жена во 14 години ќе се најде во оваа улога.

Раперот Кедрик Ламар има најмногу, осум номинации. Најмногу номинации добија претставниците на хип-хоп музиката, од каде доаѓаат пет од шесте најмногу номинирани артисти.

Ламар е очекувано номиниран зашто беше активен на неколку полиња, соработуваше со артисти од неколку жанрови и беше задолжен за музиката на филмот „Black Panther“.

Песната „All of the Stars“ е номинирана за Песна на годината и Снимка на годината. Разликата помеѓу двете категории е во тоа што во првата категорија се наградува авторот на песната, додека во втората се наградува изведувачот. Во конкуренција за двете награди се уште и „The Middle“ на Зед и Марен Морис, „Shallow“ на Лејди Гага и Бредли Купер, „God’s Plan“ на Дрејк и „The Joke“ на Карлајл.

Дрејк е номиниран и за Албум на годината за неговиот „Scorpion“, а помеѓу номинираните се и „H.E.R“ на Х.Е.Р., „Beerbongs and Bentley“ на Пост Малоун, „Dirty Computer“ на Жанел Моне, „Golden Hour“ на Кејси Масгрејвс, како и саундтракот на „Black Panther“.

Неколку нови лица се појавија на музичката сцена лани, а жирито на Греми наградите не заборави на нив. Помеѓу номинираните за Најдобар нов изведувач се најдоа Дуа Липа, Џорџа Смит, Грета Ван Флит, Бебе Реџа, Марго Прајс, Х.Е.Р., Лук Комбс и сестрите Клои и Хејл.