Александар Маленко ќе раководи со Пливачката федерација на Македонија во наредните четири години

Александар Маленко доби мандат да раководи со Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) во наредните четири години. Неговата кандидатура ја поддржаа 12 делегати од присутните 22 на денешното изборно Собрание на ПФМ во Скопје на кое за ривал за функцијата го имаше Миро Крстевски. Досегашниот прв човек на македонското пливање, Александар Коцевски, ќе биде дел од новиот Управен одбор (УО).

Маленко по изборот, меѓудругото, најави дека деблокирање на сметката на ПФМ ќе биде приоритет во неговата работа во периодот што следува. Федерацијата веќе долги години е со замрзната сметка поради долгови што според едни се девет милиони денари, а според други се двојно поголеми.

Томи Стефановски, пак, беше избран за претседател на маратонско пливање на денешното Собрание на ПФМ на кое присуствуваа претставници од 11 клуба што според Статутот се активни и со право на глас.