Алегри најверојатно останува во Јувентус

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри соопшти дека најверојатно ќе остане во клубот, а за следната седмица најави дека ќе почне со подготовките за новата сезона.

По заминувањето на Арсен Венгер од Арсенал, се појавија гласини дека токму Алегри ќе биде неговиот наследник.

Од друга страна, италијанскиот тренер истакна дека е малку веројатно да си замине од Јувентус, кој и оваа сезона е шампион на Италија.

– Најверојатно останувам во Јувентус. Следната седмица ќе се сретнам со управата на клубот и ќе правиме планови за иднината. Јувентус секогаш се бори да ги достигне највисоките цели, потенцира Алегри.

Јувентус последниот натпревар во сезонава ќе го игра утре на домашен терен против Верона, а тоа воедно ќе биде и проштален натпревар за долгогодишниот голман Џанлуиџи Буфон, кој за последен пат ќе настапи за клубот од Торино.