Албуми со сликички: За СП 1970 го нарекуваат „свет грал“ и чини 5,000 евра

Фудбалските колекционери во земјава се наоѓаат во позиција на низок старт и со нетрпение го очекуваат албумот со самолепливи сликички на „Панини“ што ќе биде посветен на претстојното Светско првенство во Русија. Едицијата на италијанскиот бренд, по традиција, се појавува во малопродажба на македонскиот пазар на, отприлика, три месеци пред големите турнири во организација на ФИФА или УЕФА. Сам по себе продуцира хистерија, пред се, меѓу машката популација без оглед на возраста.

„Заразата“ е при срце првенствено кај основците и средношколците, но и кај родителите кои на овој начин повторно ја проживуваат својата младост, се навраќаат во детството, во период на безгрижност во животот и возбуда при отворање на секоја ќесичка. Хобито за пополнување на страниците на производот е страшно многу присутно и од турнир до турнири е се пораспространета. Па, годините наназад бевме сведоци на локации кои се востановија како традиционални за групно менување на сликички. Такви во Скопје се кај Фонтана во Градски парк, на платото пред ТЦ „Бисер“ во Аеродром, на улица „Македонија“ пред Спомен куќата на „Мајка Тереза“, итн.

Албумот за СП 1954 излезе по првенството

„Пред појавата на албумите на „Панини“ е тешко да се говори и пишува. Првиот мундијал, како што е познато, се одржа во далечната 1930 година и за колекционерство од тој период нема премногу официјални информации, податоци и факти. На интернет, поточно на „Ebay“, може да се најдат репринтови на книшката со фудбалери од СП 1930 и СП 1934“, пишува Владимир Видас, автор на блогот „Стикерпедиа“, чиј текст го пренесува хрватскиот весник и портал „24sata.hr“.

За СП 1950 на пазарот се појави албумот насловен како „Balas Futebol“ во кој секоја од репрезентациите учеснички беше претставена со 11 сликички.
Издавачката куќа „Kiddy“, пак, го потпиша албумот „Fussball Welt Meisterschaft“ наменет за мундијалот во 1954 година во Швајцарија. Но, она што го прави специфичен од останатите е што излезе по Светското првенство. За настанот беа посветени и неколку други албуми чии сликички воглавно беа со моменти од мечевите.

„Importadores Peruanos“ го издаде албумот за СП 1958 со име „Campeonato Mundial de Futbol 1958 Suecia“. За производот пред четири беше издаден репринт.

Италијански „Lampo“ е извадач на албумот за мундијалот во 1962 година познат како „Calcio Mondiale“ со минимум 11 сликички за секоја селекција. За наредниот турнир во 1966 година имаше неколкку верзии на албуми од германски, англиски, италијански, итн.

Премиерниот производ на „Панини“ за СП 1970

Првиот „Панини“ албум е издаден за Светското првенство во 1970 година и со тој производ компанијата за првпат се претстави надвор од Италија. Албумот немаше самолепливи сликички туку беше неопходен лепак за нивно нанесување на страниците. Го прави посебен бидејќи важи за најредок и најскап примерок на „Панини“. Познат е како „светиот грал“ и неговата цена на „Ebay“ варира од 2,500 до 5,000 евра и повеќе и се што е во врска со него е многу скапо.

Постојат најмалку три верзии: интернационална, италијанска и англиска на 50 страници и вкупно 288 сликички. Интернационалната беше присутна на пазарите во тогашна Западна Германија, во Шпанија и во Франција и заедно со француското издание имаше, речиси, иста насловна што не беше случај со италијанското“, забележува Видас во својот текст.

Југословенско издание за првпат во 1974 година

Вториот албум на „Панини“ за Светско првенство е „Минхен 1974“. По успехот што беше забележан пред четири години, овојпат издавачката куќа го дистрибиура низ целиот свет. За негово пополнување требаа 400 сликички, беше преведен на дури шест јазици, а покрај италијанско имаше и англиско, германско, француско, холандско и југословенско издание. Производот воведе новитет – сликички со стадионите, секоја репрезентација имаше грб, маскота и групна сликичка, но сите селекции немаа подеднаков број на фудбалери.

Албумот за СП 1978 за првпат опфати и сликички со градовите домаќини на натпреварите. „España 82“ е името на албумот за СП 1982 кој важи за револуционерен поради појава на т.н. „златни сликички“ што ги немаше само во југословенската верзија, забележува Видас. Албумот за мундијалот во Мексико во 1986 година немаше новитети во однос на претходниот.

Од тогаш албумите не се разликуваа премногу освен по бројот на сликички што директно е поврзан со менувањето на натпреварувачките формати на турнирите и зголемување на бројот на репрезентациите.

Во 2015 година „Панини“ издаде и книга со репринтови на сите албуми од 1970 година до 2014 година. Отпешатена е на 800 страници и претставува одлична прилика за младите колекционери да се запознаат со сите досегашни едиции на издавачката куќа, а поврзани со најважната споредна работа во светот.