Албанските опозициски пратеници потпишаа изјави дека се откажуваат од мандатите

Националнот совет, како највисок орган на опозициската Демократска партија (ПД) денеска на предлог на партискиот лидер Љуљзим Баша, донесе едногласна одлука за откажување на пратеничките мандати.

Исто така на предлог на Баша, пред два дена едногласна одлука за откажување на пратеничките мандати донесоа 43-цата пратенци од ова партија. Тие сега потпишаа и изјави за откажување од мандатот.

Вакви изјави потпишаа и членовите на пратеничката група на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), чиј лидер е Моника Круемади, сопруга на претседателот Илир Мета.

Од 19-те пратеници на ЛСИ изјава не потпишал единствено пратеникот Лефтер Кока.
Изјавите в петок ќе бидат доставени до Собрането, со што Парламентот првпат се доведува во „состојба без преседан“.

Демократскиот лидер Баша изјави дека пратениците ќе бидат заедно со граѓаните како обични граѓани оти опозицјата ќе ја води битката за соборување на „криминалната Влада“ и враќање на демократијата, правото на подобар живот и стопирање на миграцијата на младите.

– Оваа голема битка ќе ја добиеме за Албанија, за демократијата, Европа, Америка, за денешнината и за иднината на оваа земја. Затоа ве повикувам сите на утрешниот протест во 10:00 часот пред албанскиот Парламент, кој ќе и биде вратен на Албанија и на Албанците, а не на криминалот, рече меѓу другото Баша.

Меѓу оние кои со потпишувањето на изјава повеќе не се пратеници се и партиските лидери Баша и Круемади.