Албанската Влада додели 100.000 евра помош за Грција

Владата на Албанија донесе одлука да испрати финансиска помош од буџетските резерви во износ од 100.000 евра до Владата за Грција, за справување со последиците од катастрофалните пожари што деновиве ја зафатија оклината на Атина.

– Нашите мисли и молитви се со нашите добри соседи Грците и Албанците што живеат таму. Последните денови беа тешки и страотни и ова е само наш симболичен прилог во овие тешки мигови, соопшти албанската Влада.

Албанскиот премиерот Еди Рама на својот профил на Фејсбук напиша дека донацијата е во знак на солидарост со „нашите браќа и сестри“.

– Албанија е со соседна Грција во овие трагични мигови за оние кои ги изгубија своите сакани и се соочуваат со болни последици од катастрофалните пожари. Владата само што донесе одлука за донација во знак на солидарност со нашите браќа и сестри, напиша Рама на својот профил на фејсбук.

Шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати ја изрази солидарноста на албанската држава и подготвеноста да му помогне на својот сосед. Тој соопшти дека Албанската амбасада во Атина е во постојан контакт со грчките власти и албанската заедница погодена од оваа природна катастрофа.

Досега нема официјална потврда за загинати Албанци при пожарите, освен за неколкумина повредени.