Албанија одбележува 106 години независност

Со симболично подигнување на националното знаме во приморскиот град Валона, денеска почна одбележувањето на 106-тата годшнина од независноста на Албанија.

На свеченоста присуствуваа шефот на државата Илир Мета, премиерот Еди Рама, спикерот на  парламентот Грамоз Ручи, косовскиот вице -ремиер Беџет Пацоли и други високи гости, кои положија венци и свежо цвеќе на Споменикот на независноста.

Во Валона, со потпишување на Декларацијата за независност и развејување на национланото знаме, Исмаил Ќемали, првиот албански премиер, на 28 ноември 1912 година ја прогласи независноста на Република Албанија.

Опозицијата, предводена од демократите на Љуљзим Баша, почит оддаде пред Споменикот на народните херои во Тирана, одбележувајќи го и денот на ослободувањето на Албанија 29 ноември 1944 година.

Инаку, на посебна свеченост, во присуство на албански високи државни личности, на косовскиот вице-премиер Пацоли му беше доделана академската титула почесен доктор на Универзитетот „Исмал Ќемали“ во Валона.

Во образложението стои дека оваа титула му се доделува за неговите активности во полза на зајакнувањето на меѓуалбанската економска соработка  и придонесот во унапредвањето на националната научна свест во тој правец.

Со бројни свечености Денот на независноста се одбележува низ цела Албанија, во Косово, како и во други држави каде што живеат Албанци.