Алаѓозовски: Врнежливото време предизвика алармантна состојба во институциите од културата


Новите градби од пред четири години на Македонскиот народен театар и Археолошкиот музеј ги покажуваат истите проблеми заедно со објектите изградени пред 50 или 60 години, оцени денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски. На прес-конференцијата свикана по повод проблемите кои се појавија во институциите по врнежливото време, министерот Алаѓзовски истакна дека се дадени насоки на директорите како најбрзо да ја санираат ситуацијата. – Протекува покривот на МНТ. Во Штип во Центарот за култура ни се случи поради силниот ветар и откинување на дел од лимениот покрив. Ситуацијата дополнително се комплицира, затоа што е на крај на фискална година и дури и тендери за итни работи не може да се спроведат до крајот на годината, изјави Алаѓозовски. Нагласи дека изведувачите, надзорните органи и стручните служби ќе треба да понесат одговорност. – Ќе утврдиме кој и зошто не ги извел квалитетно работите и ќе поднесеме тужби за сите оние ситуации каде гледаме дека криминалната мрежа на нестручно градење објекти функционирала, изјави Алаѓозовски. Директорот на МНТ Драган Спасов Дац, рече дека може да се работи во Македонскиот народен театар, само што се кријат некои работи затоа што се срам што се гледа. – Тече на сцена, капе овде на влезот. Ова е поркиено за да си го сокриеме срамот. На едно место се собира вода и протекува, а на сцената е директно од покривот, рече Дац.