Алаѓозовски – Валенса: Словото, единствен начин за решавање на демократските проблеми

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој се наоѓа во работна посета на Полска, денеска се сретна со легендарниот водач на „Солидарност“, нобеловец и поранешен претседател на Република Полска, Лех Валенса, на која разговараа за актуелните состојби во Македонија и регионот и глобалните политички и демократски предизвици…

Како што соопшти Министерството за култура, на средбата, која се одржа на маргините на конференцијата „Европа – поглед кон иднината“ во Гдањск, министерот Алаѓозовски, го запозна Валенса кој беше водачот на демократските промени во оваа земја во 80-тите и 90-тите години, со демократските промени кои се случија во Македонија пред една година и чекорите на новата влада во насока на консолидација на демократските процеси и враќање на земјата кон евроатланските интеграции.

Валенса, се наведува, се интересираше за деталите околу решавањето на спорот со името и развојот на добрососедските односи. Тој ги поздрави напорите на Република Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ и рече дека Европската унија мора да го обедини целиот европски регион, да развие дури и федеративни односи со САД доколку сака да ги преброди успешно предизвиците на глобализацијата.

Валенса истакна дека и Полска се соочува со демократски предизвици, но дека единствен начин за нивно надминување е преку „словото“.

– Ова е ера на словото, како единствен начин за решавање на демократските проблеми и секое владеење преку стравот од непријатели (стравот од комунизмот, соседите, Кина, Русија) е несоодветен, истакнал поранешниот полски преседател.

Министерот Алаѓозовски, престојува во работна посета во Гдањск, Република Полска, каде на покана на Европскиот центар за солидарност учествува и е еден од главните излагачи на 6. Европски форум на тема „Европа – поглед кон иднината“. Форумот е во организација на Европскиот центар за солидарност и Градот Гдањск.

Предвидено е Алаѓозовски денеска да оствари средба и со градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович, по што ќе следува и негово излагање на овој значаен европски Форум.