Алатката за отчетност се „сервисира“

Алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавни функции, која беше поставена на веб-страницата на Владата, не е укината. Портпаролот Миле Бошњаковски објасни дека не излегле со нови информации колку пари потрошиле функционерите бидејќи изминатиот период бил полн со политички активности, ама и дека алатката, делумно во софтверскиот дел ќе претрпи промени.
„Можете да очекувате многу наскоро да биде објавен наредниот циклус. Се работи, собрани се податоците. Станува збор за технички нагодувања на самата алатка со цел да биде поедноставна и појасна за користење“, додаде владиниот портпарол.
Токму преку оваа алатка беше најавено беше дека јавноста ќе може да ја следи висината на трошењето на државните пари, како и причините поради кои тие биле потрошени од функционерите. Оваа алатка како обврска ја користат премиерот, министрите, замениците министри, државните секретари и директорите и замениците директори на јавни претпријатија, а ќе се применува и за градоначалниците, секретарите на општините и претседателите на општинските совети. Само претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, одби да стави на увид на ваков начин како ги троши буџетските пари.
Вероника Мароска-Леова