Адеми: Елмас е чудо, ама ќе го сопреме на „Максимир“

Уште по извлекувањето на групите од Лигата на Европа, фудбалската јавност во земјава со нетрпение го очекуваше дуелот меѓу македонските репрезентативци Аријан Адеми и Елиф Елмас. Дуелот меѓу Динамо и Фенербахче е на програмата утревечер (21 часот) на „Максимир“ во Загреб, но мали се шансите да дојде до пресметка меѓу двајцата фудбалери од средниот ред. Имено, капитенот на загрепчани, најверојатно ќе го скокне воведниот меч од групната фаза поради повредата што ја здоби против Јанг Бојс и заради која отсуствуваше на двата натпревари на Македонија во Лигата на нации.

Само што заздравив, во понеделникот го одработев првиот тренинг на отворено, но целосно сам, а не со остатокот од тимот. Натпреварот само што не започнал, тешко дека ќе му бидам на располагање на тренерот Бјелица. Но, не мислам дека тоа ќе биде толку голем хендикеп за нашиот тим. Покриени сме со одлични поединци на сите позиции, место мене ќе игра еден талентиран и квалитетен фудбалер како што е Шуњиќ. Од натпревар во натпревар покажува колку е добар. Не сакам да кажам дека е моја замена, напротив, со залагањето, трудот и квалитетот заслужува да биде првотимец“, скромен е Адеми.

Тој очекува тежок дуел со турскиот гигант, кој лошо влезе во сезоната, забележа три порази во воведните четири кола од домашниот шампионат, а беше елиминиран од Бенфика во квалификациите од Лигата на шампионите Навивачите беа лути, но во неделата им дојде срцето на место. Гостуваа кај Коњаспор, 0-0 на половина час до крај. Тренерот Коку го стави Елмас во игра. Само шест минути му требаа на 18-годишниот македонски репрезентативец да погоди и да ги однесе трите бода во Истанбул.

Само еднаш досега сме биле заедно на репрезентативен собир. Тоа беше лани против Лихтенштајн на првиот меч после мојата суспензија. Двајцата влеговме во игра од клупата за резерви, јас дури и дадов гол. Елмас е физички силен играч и тркачки многу добар. Солидно ги одработува и дефанзивните задачи. И на него, доколку добие шанса на ‘Максимир’, ќе мора добро да внимаваме. Тој може секому да создаде проблеми. Но верувам во моите соиграчи од средниот ред, како и во останатите линии, мислам дека можеме да стигнеме до победа“, најавува Адеми.

Хрватските медиуми му придаваат големо внимание на македонскиот тинејџер со турско потекло. Велат дека нападот на Фенербахче го сочинуваат добро познати и скапи имиња како Слимани, Ајеу, Валбена и Сопдадо, но шоуто им го украл „клинец кому топката му се лепи за нога“.

Елмас се заљуби во топката на шестгодишна возраст, играјќи за локалниот клуб Фенербахче Тефејуз. Каква ли случајност, 12 години подоцна, Елиф игра за оној вистинскиот, големиот фенер“, пишуваат загрепските весници.

Го опишуваат како „класична десетка“, разигрувач со одлично чувство за игра, поради што беше цел на скаутите од многубројните европски клубови. Го сакаше и Пеп Гвардиола, но Елмас го послуша срцето и отиде во Истанбул. Стручњаците ги потенцираат неговите работни навики, поради што е омилен материјал за тренерите. Идната недела ќе полни 19 години. Договорот во Фенер му истекува за четири години.

Сите знаеме дека Фенербахче, заедно со Бешикташ и со Галатасарај, се најквалитетни екипи во силното турско првенство. Имаат страшен индивидуален квалитет, ќе биде напорно, но мораме да се базираме на својата игра. Во сите досегашни натпревари изгледавме како тим, така мора да делуваме и во четврток. Групата, во која се и Андерлехт и Спартак Трнава е извонредно тешка, тоа се квалитетни тимови, но не сме никакви аутсајдери. Очекувам полн стадион и победа. Нема поголем стрес за мене од гледање на мечот од трибини, верувајте дека ми е полесно кога сум на теренот. Што е тука е, ако и не бидам подготвен, со целото срце ќе бидам со моите соиграчи“, заклучува Аријан Адеми, капитенот на хрватскиот шампион.