Адеми го кине проклетството на Динамо

Динамо Загреб продолжува да гази во фудбалската Лига на Европа. Во третиот натпревар од групната фаза, ја забележа и третата победа. На гости во трнава, „модрите“ славеа со 2-1 против Спартак, иако на полувреме губеа со 1-0. Во вториот дел, Марио Гаврановиќ и Мислав Оршиќ им донесоа три бода на загрепчани, со што само теорија ги спречува од скинувањето на „проклетството“ што трае 48 години. Имено, од март 1970 година и натпреварот против Шалке, Динамо никогаш не заиграл на пролет во европските купови. Годинава, тој мит би требало да биде срушен.

Во другиот натпревар од групата, Андерлехт и Фенербахче одиграа 2-2, по што Динамо има 9 бодови, Фенербахче и Спартак по 4, а Белгијците само еден. До крајот има уште три кола, на загрепчани им треба уште еден поен, а следниот меч на 8 ноември го играат дома против Спартак.

Капитенот на „модрите“, Аријан Адеми стандардно го предводеше својот состав. Македонскиот репрезентативец заработи и жолт картон. Доколку не се случи чудо, тој ќе биде предводникот на генерацијата што ќе влезе во историјата на загрепскиот тим.