Адеми ги пропушта Гибралтар и Ерменија

Аријан Адеми најверојатно ќе ги прескокне престојните два натпревари на македонската фудбалска репрезентација во Лигата на нации против Гибралтар (на гости на 6 септември) и Ерменија (дома на 9 септември). Како што пишуваат хрватските медиуми, капитенот на Динамо има помала руптура (кинење) на мускулот, поради што го напушти теренот во 32. минута од мечот против Јанг Бојс во квалификациите од Лигата на шампионите. Тој имаше проблеми и пред натпреварот, но со помош на лекарите, стисна заби и се појави на „Максимир“. Доби удар на болното место и мораше да излезе надвор. Првичните проценки се дека ќе отсуствува две недели. Селекторот Игор Ангеловски го стави Адеми на репрезентативниот список. Истакна дека е запознаен со неговата повреда, но остави простор, таа сепак да биде санирана навреме.