Адвокатот на порно актерката побара Трамп да сведочи на суд

Адвокатот на порно ѕвезда Сторми Даниелс, Мајкл Авенати поднесе барање до судот, претседателот на САД Доналд Трамп да сведочи под заклетва, во врска со тврдењата на неговата клиентка дека имала односи со Трамп пред 12 години.

Адвокатот Мајкл Авенати поднесе барање до федералниот суд во Калифорнија.

Во документите, тој побара сведоштво на Трамп и неговиот адвокат Мајкл Коен во врска со 130.000 американски долари, кои и биле платени на Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година за да молчи за наводните односи со Трамп.

Авенати вели дека сака да ги испита двајцата „не повеќе од два часа”.

Во барањето се наведува дека сведочењето е неопходно за да се утврди дали Трамп знаел за исплатата и дали се согласил со тоа.

Коен изјави дека платил 130.000 долари од свој џеб, иако тврди и дека Трамп никогаш немал сексуален однос со порно актерка.

Последниот претседател на САД кој сведочеше под заклетва беше Бил Клинтон во 1998 година на судењето поради сексуално вознемирување на Пола Џонс.

Расправата за предлогот на Авенати е закажана за 30 април.

Сторми Даниелс поднесе тужба за прекршување на договорот за доверливост со образложение дека „договорот за молчење” од 28 октомври 2016 година е правно ништовен, бидејќи го потпишале само Клифорд и Коен, а не Трамп.

Исплата на 130.000 долари е спорна, бидејќи била направена за време на изборната кампања, кога постојат строги ограничувања за парите поврзани со кандидатите.