Агенција за филм: Повлековме назад 300 илјади евра од „Јадран филм“

Агенцијата за филм на Република Македонија известува дека првите 300 илјади евра државни пари се одземени од хрватската продукција „Јадран филм“ како последица на неисполнувањето на договорот за производство на играната серија „Македонија“.

Како што соопштуваат од Агенцијата, согласно правосилното извршно решение, по законски пат, направен е поврат на речиси 19 милиони денари, колку што имаше на сметката на „Јадран филм“ во моментот кога беше блокирана.

„Ова не е целосната сума која државата му ја исплатила на хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ- таа изнесува 68 милиони денари или милион и 100 илјади евра со обврска тој до септември годинава да достави готови епизоди од првата сезона. Како ќе се наплати остатокот ќе знаеме по завршување на истрагата на Јавното обвинителство и Финансиската полиција кои ја проверуваат документацијата за целиот период, од објавениот конкурс во декември 2015-та до четврти септември, кога истече рокот за предавање на 14 епизоди од серијалот. Со ова може да започне да врти бројчаникот на Владата, кој треба да ги брои одземените пари стекнати на незаконски начин. Овој чекор со ефикасно спроведување на законот треба да биде поттик за сите државни институции во одлучната борба против криминалот и корупцијата и со тоа да ја поддржат определбата на Владата дека ќе се конфискуваат имот и пари кои се стекнати со криминално работење. Инаку, да потсетиме дека хрватската продукција „Јадран филм“ имаше обврска до септември годинава да ни достави готови 14 епизоди од серијалот „Македонија“. Тоа не беше сторено и договорот со нив беше раскинат затоа што во него постои извршна клаузула“, се вели во соопштението на Агенцијата.

Според нив, „Јадран филм“ манипулира со јавноста и објавува трејлери од серијата за да остават впечаток дека нешто се работело, наместо да имаат веќе готови епизоди. Според Агенцијата за филм пак, видеата кои се појавуваат во јавноста преку социјални мрежи и медиуми, Грубишиќ бил обврзџан да ги испрати и до нив, а тоа не го сторил.

„Мојот апел е јавноста да не наседнува на овие трикови кои имаат за цел на целата работа да и дадат политичка заднина, наместо целата работа да се заврши правно.
Договорот беше многу јасен – обврска на „Јадран филм“ беше да достави готови епизоди во септември, а не да објавува трејлери и сцени во неколку секунди во ноември. Дополнително, Грубишиќ изнесува видео материјали во јавноста, а при тоа ни тие снимки ги нема доставено до Агенцијата за филм“, стои во писменото известување на директорот на Агенцијата, Горјан Тозија.