Автобусот со број „50“ повторно не вози низ ГТЦ


Автобусот со број „50“ повторно не поминува низ ГТЦ. Само еден месец откако на голема врата профункционира постојката во подрумот на трговскиот центар, од утринава таа е исклучена од системот.

Корисниците на апликацијата „ЈСП во движење“ добиле известување дека поради градежни работи „50“ нема да застанува на постојката во ГТЦ се до наредното известување.

Од сообраќајното претпријатие ни ја потврдија веста. Велат, дека улицата по која минува автобусот низ сутеренот на трговскиот центар се асфалтира.

„Очекуваме градежните работи да завршат за две до три недели, зависи од временските услови. Тогаш и постојката повторно ќе се вклучи во системот“, објаснуваат од ЈСП.

Во меѓувреме, „50“ ќе застанува како и порано на автобуската постојка спроти клиничка болница „Свети Наум Охридски“ кај паркот Жена борец.

Постојката во ГТЦ се врати во функција пред речиси еден месец, откако претходните градски власти ја укинаа бидејќи двокатните автобуси не можеа да минуваат низ подвозникот на трговскиот центар.

Неодамна, Град Скопје и ЈСП одлучија на линијата „50“ да возат „обичните“ автобуси и така постојката да стане функционална. (Д.Т.Д.)