Автобусот број 60 наместо до Матка, вози до Глумово

Автобусот број 60, наместо во Матка, патниците ги остава во Глумово. Тие мора да пешачат четири-пет станици бидејќи последната станица е блокирана со возила и туристички автобуси, па нема простор градскиот автобус да сврти и да се врати назад. Проблемот постои неколку месеци, а особено преку викендите кога притисокот на возила и туристи кон кањонот е најголем.

Жителите на Матка се жалат дека животот им е многу комплициран, откако не можат да сметаат на автобускиот транспорт. Се жалат дека никогаш не се начисто дали можат да се возат до последната станица, или пак ќе мора да пешачат. Особено тешко им паѓа на повозрасните и на болните, па во последниве месеци сите многу почесто мора да седнуваат во автомобил.

„Никогаш не знаеме дали автобусот ќе нè однесе до дома. Ако има полиција да го регулира паркирањето, тоа задолжително значи дека од Глумово ќе пешачиме. Негодуваат и туристите што одбрале со овој превоз да стигнат до Матка, бидејќи од Глумово до кањонот е најтешкиот дел за пешачење. Замислете како ни е нам, кои живееме таму и со ова се соочуваме речиси секој ден. Има стари, болни, луѓе што доцна се враќаат дома, не е во ред да бидат оставани каде било“, вели Игор Јаневски, жител на Матка.

Тој објаснува дека најголемиот проблем го создаваат возилата паркирани странично на улицата, а особено на ширината на последната постојка, каде што автобусот треба да заврти. Тука секојдневно има и по десетина такси возила кои седат во кафулињата и чекаат туристи, а метежот е најголем преку викенд кога ќе дојдат автобуси со туристи.

„Автобусите не заминуваат на друг паркинг, полесно им е тука да ги чекаат туристите. Никој не ги казнува“, вели Јаневски.

Во Јавното сообраќајно претпријатие велат дека е точно оти линијата некои денови е скратена. Сметаат дека решение за проблемот со автобусот број 60 мора да се бара во изградба на паркинг каде што ќе се дислоцираат сите возила и автобуси, а дотогаш ќе бараат асистенција од сообраќајната полиција.

„Проблемот постои во текот на целото лето, поради што ЈСП побара асистенција од сообраќајната полиција. Доколку има преголем број паркирани возила и автобуси, полицијата го предупредува возачот на автобусот дека не е проодно и да го сврти во Глумово за да не продолжува, бидејќи ќе заглави, а скратувањето на линијата број 60 секогаш го најавуваме на нашата веб-страница“, информираат од ЈСП и додаваат дека во моментов, во соработка со Градот, се бара трајно решение на овој проблем. Тоа, веројатно, ќе биде изградба на паркинг во околината, каде што ќе можат да се пренасочат сите возила, а полицијата ќе може да ги казнува тие што нема да ги почитуваат правилата.

Сања Наумовска