Австрија, Германија и Сент Винсент и Гренадини најголеми инвеститори во Македонија


Австрија, Германија и карипскиот остров Сент Винсент и Гренадини се земјите од кои има најголем прилив на директни странски инвестиции во првите девет месеци годинава. Во исто време, пак, рекордни суми пари се одлеале во Обединетото Кралство и во САД.

Народната банка на Македонија објави катастрофални податоци за приливот на странски капитал во првите три квартали годинава од само 45,6 милиони евра, што е најниско ниво во последните десет години. Статистиката на Народната банка покажува дека само во септември инвестициите биле во минус од 54,1 милион евра, а во август е регистриран одлив од 9,7 милиони евра.
Позитивно салдо на странските инвестиции имало во јули кога е регистриран прилив на странски капитал од 6,1 милиони евра.

Споредено со истиот период минатата година, странските директни инвестиции се помали дури за 145,6 милиони евра.
Најголем инвеститор во Македонија годинава е Австрија од каде што е регистриран прилив на странски капитал од 23,6 милиони евра, а од Германија се инвестирани 23 милиони евра. Четврт најголем инвеститор е Луксембург со инвестиции од 13,3 милиони евра, по што следуваат Обединетите арапски емирати (ОАЕ) со вкупни директни инвестиции од 5,3 милиони евра за девет месеци.

Од друга страна, пак, вкупно 76,3 милиони евра се одлеале од Македонија во Обединетото Кралство, а во САД регистриран е одлив од 13,7 милиони евра.

По три милиони евра за девет месеци се одлеале во Казахстан и во Швајцарија, и 2,7 милиони евра во Холандија.
Одливот на капитал се должи во најголем дел на повлекувањето пари од фирмите ќерки на странските компании што работат во земјата.

Покрај директните инвестиции во Македонија, за околу пет милиони евра намалени се и инвестициите на македонските компании во странство.

Тоа значи дека домашните компании ги повлекле своите инвестиции надвор од земјата.
Статистиката на Народната банка покажува дека најмногу пари или 11 милиони евра се повлечени од државата Куракао, остров во Карипското море за кој тешко дека многумина слушнале во Македонија, а нешто повеќе од пет милиони евра се повлечени од инвестициите на македонските компании во Холандија.
Домашните компании во првите три квартали годинава најмногу инвестирале во соседството. Така, во Словенија се регистрирани инвестиции од вкупно 5,5 милиони евра, во Србија 3,2 милиони евра, а во Бугарија 1,5 милион евра.
Директните инвестиции во странство ги вклучуваат трансакциите помеѓу домашните директни инвеститори и претпријатија нерезиденти во кои инвестирале без оглед на тоа дали креираат обврски кон или побарување од странство.

Александра Спасевска