Австриски „Стандард“: Непосветеноста на ЕУ кон Балканот остава простор за Русија

Австрискиот весник „Стандард“ објави текст во кој вели дека Европската Унија, Русија, Кина, САД и Турција ги користат економијата и политиката за да го консолидираат своето влијание на Балканот. Во текстот најголемо внимание е посветено на тоа дека Русија не сака Македонија да се приклучи кон НАТО и затоа се обидува да го поткопа договорот меѓу Грција и Македонија за решавање на спорот за името.
Потсетува дека македонскиот премиер Зоран Заев неодамна соопшти дека грчки бизнисмени, поддржувани од Русија, се обидуваат да ги натераат луѓето во Македонија на насилни протести. Виенскиот весник додава дека официјални претставници на руската амбасада во Атина дури се обиделе да поткупат политичари, бизнисмени и монаси од Атон, за да дејствуваат против решавањето на спорот за името, и потсетува дека Атина во јули ги избрка овие дипломати.
Во написот на „Стандард“ се вели дека анализата на инвестициите и односите покажува дека земјите од Југоисточна Европа одамна се длабоко поврзани со ЕУ, притоа најсилно е политичкото влијание на Западот. Во земјите што не се во ЕУ, Русија се обидува да го искористи овој вакуум за да влијае заради геополитичките интереси.
Директорот на Центарот за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, изјави за „Стандард“ дека ова е овозможено поради недостаток на посветеност на ЕУ и двосмислениот однос на САД. „Русија ја користи слабоста на другите“, вели Бибер. Тој верува дека руските акции во Грција сведочат за растечката нервоза на Москва. “Во случај да се спроведе договорот меѓу Грција и Македонија и нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, Русија ќе загуби најважните лостови, и во тој случај само Босна ќе им остане како простор за предизвикување проблеми“, вели Бибер.