Австралија остана без селектор: Постекоглу ги напушти „кенгурите“

Селекторот на фудбалската репрезентација на Австралија, Енџи Постекоглу (52) објави дека ја напушта функцијата и дека нема да биде предводник на „кенгурите“ на Светското првенство во 2018 година.

Постекоглу го презеде кормилото на австралискиот национален тим во мај во 2014 година, а разделбата доаѓа по само една недела од успешно минатиот бараж со Хондурас за пласман на завршниот турнир во Русија. По ремито без голови во Сан Педро, Австралијците, во Сиднеј, го совладаа претставникот на КОНКАКАФ зоната со 3:1.

„По долго размислување што да правам, сфатив дека мојот ангажман како австралиски селектор е завршен. Мислам дека донесов вистинска одлука“, истакна Постекоглу на прес-конференцијата во Сиднеј.

Неговата одлука наиде на изненадување во фудбалската асоцијација на Австралија од каде порачаа дека нема да брзаат со потрагата за наследник на Постекоглу.