Абе: Јапонија сака да потпише мировен договор со Русија

Јапонската Влада планира да потпише мировен договор со Русија, изјави денеска јапонскиот премиер Шинѕо Абе.

Обраќајќи се пред јапонскиот Парламент, тој рече дека тие односи моментално се во „абнормална состојба“, како и дека двете држави немаат потпишано мировен договор повеќе од 70 години.

– Врз основа на односот на доверба со рускиот претседател Владимир Путин, ќе го решиме територијалниот проблем и ќе потпишеме мировен договор со Русија. Ќе отвориме нова ера и во билатералните односи, рече Абе.

Уште од средината на 20. век, Москва и Токио преговараа за мировен договор врз основа на резултатите од Втората светска војна, а главна пречка за потпишување е проблемот со суверенитетот на Курилските Острови.

Целиот архипелаг се припои кон Советскиот Сојуз во 1945 година, но јапонската страна го оспорува суверенитетот на Итуруп, Кунашир, Шикотан и групата острови Хабомај.

Руското Министерство за надворешни работи постојано го повторува ставот дека рускиот суверенитет над овие острови е потврден со меѓународни документи и е неоспорен.