Заев: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се аутсајдери


Преговорите за формирање на владата ќе почнат веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот, вели во интервју за А1 ОН лидерот на СДСМ Зоран Заев.

За него, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се „аутсајдери“, а на изборите покажале дека имаат и  сериозни проблеми и се „заробени од груевизмот“.

Во однос на ниската излезност на граѓаните на изборите, Заев тврди дека за тоа има три причини: стравот од коронавирусот, времето на нивното одржување (сред лето) и црната кампања што ја водело ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ветува дека во август ќе биде заокружи изборниот процес и ќе бидат ставени во функција новото Собрание и новата Влада, а наесен веќе ќе има целосно активни институции.

-Успехот од овие избори, кој мене ме прави исклучително горд, е што граѓаните на јасен и недвосмислен начин ја потврдија европската определба и европската иднина на нашата земја. Победата на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, поддршката што ја добивме на овие избори се јасен показател дека мнозинството од граѓаните сакаат европска, безбедна, просперитетна, економски напредна Република Северна
Македонија. Држава која храбро ќе чекори напред, која ќе освојува нови пазари, која ќе гради нови перспективи, која ќе ги негува добрососедските односи и ќе создава нови пријателства. Изборната победа е уште една потврда и поддршка на политиките на СДСМ, на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Се покажа уште еднаш дека граѓаните ги поддржаа овие храбри одлуки, дека мнозинството стои зад нив.

Понудата на ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на мрачното минато, најавите за
преиспитување на Договорите со Грција и со Бугарија, загрозувањето на
нашето членство во НАТО, загрозувањето на нашиот евроинтеграциски
пат добија јасен црвен картон. Тие застарени и националистички
политики немаат иднина на нашата политичка сцена, изјави Заев.

Според него СДСМ има поголем коалициски капацитет од ВМРО-ДПМНЕ и очекува во уставните рокови Македонија да добие функционална влада.

– Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по Илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и Коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот. СДСМ и Коалицијата „Можеме“ со европските и напредните политики што ги водеше досега и со јасната понуда во делот на економијата и правдата има најголем коалициски потенцијал, далеку поголем од капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија.И јас и СДСМ досега покажавме дека за нас политиката не е бројка,
политиката не ја сведуваме на услови и условувања, туку на процес од кој секогаш треба да се извлече максимумот кој е единствено во интерес на граѓаните и на државата.Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес на кој чекавме 30 години. Затоа сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладеат и дека во рамките на со Уставот предвидените рокови, СДСМ ќе обезбеди
функционална влада, оцени Заев.