Заев го обвини Мицкоски дека го осмислил и организирал „Рекет“

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаа вечерва жесток дуел околу тоа кој зел пари од кого и кој влијаел врз судството. Заев го обвини Мицкоски дека за да го спаси Орце Камчев од „Империја“ го осмислил, го организирал и го поддржал случајот „Рекет“ и дека сега тоа од снимките објавени неодамна целосно се гледа. Според Заев, Мицкоски зел 400.000 евра од Камчев за кампањата, а во извештајот што го поднел по изборите никаде не го навел тоа, како ни паите од Сашо Мијалков, што е нелегално финансирање на кампањата за што ќе треба кривично да одговара. Заев рече дека за ова веќе има кривична пријава .

-Колку пари да сте зеле, нема да го спасите Орце Камчев од „Империја“. Трети луѓе можат да кажат за мене што сакаат. Ти лично на снимката зборуваш за заштита на криминалците. Со свој глас кажуваш дека си единствен што се бори за „Империја“, дека си благодарен што ви дава пари за кампањата. Вкупно 400.000 евра директно влезени во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега добро гледаме дека блокирањето на Законот за Јавно обвинителство било заради „Империја“.  Се работело само за пусти пари, за финансирање на партијата. Но, ќе го разберев тоа доколку борбата беше за да се спасат тие што беа изманипулирани и сега седат во затвор, но не, тоа било заради партијата, кампањата, за власт, а тоа не можам да го разберам. Никакви идеали, никаква правда и правна држава“, рече Заев.

Во дебатата со многу тензија и личен анимозитет, Мицковски возврати со случајот „Рекет“, „едно евро за Вице“ и случајот со Миодраг Дада Давидовиќ, кој според Мицкоски дал пари на Кичеец за Заев да му обезбеди некој проект.Мицкоски притоа тврдеше дека  Државниот завод за ревизија извршил контрола и донел ревизорски извештај во кој стои дека нема никакво нелегално финансирање на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, па го повика да излезе јавно и да посочи ако не е така, а во спротивно Заев да му се извини. Исто така тој порача дека ако било вистина, досега можеле да истражат.

Околу изманипулираните од 27 април, Мицкоски му рече на Заев дека сега е најдобар пријател со вратарот и му дава тендери. Но, потоа си даде автогол прашувајќи го  Заев дали знае која е сестра на адвокатот на Камчев и дали го познава Кичеец, на што Заев му возврати – очигледно вие го познавате, се виде во снимките.

-Водите партија која должи осум милиони евра, а единствени финансиери сте вие, вашата сопруга Рози, вашиот татко…Ви дадовме милион евра со закон за финансирање на политичките партии, а вие пак земате пари од Камчев. Така ли се борите за правото и правната држава?, го праша Заев, додавајќи – не дај боже да  ви се даде можност да водите држава, Никола Груевски ќе биде ситен џепарош за вас.

На тврдењето на Мицкоски дека е недостојно нивото со кое му се обраќа, дека тој не му го споменува воопшто семејството, Заев му порача: Вие не го вадите од уста моето семејство!

Мицкоски го потсети Заев дека, кога веќе зборува за кршење на законите, да се присети и на првоосомничениот во случајот рекет, Бојан Јованоски, со кој што се сликал, се дружел, а кој во судница изјави дека парите од рекетираните бизнисмени завршиле токму кај Заев. Тој дури го обвини лидерот на СДСМ дека е лицето што преку телефон му се заканувало на Бојан Јовановски дека ќе го ликвидира, и дека за тоа има кривична пријава.

-Слушнавме како лицето Бојан Јовановски вели „рекетираните пари завршија таму и таму“. И до ден денес никој не го повика Заев да каже за ова. А, во еден ист таков материјал Заев вели обезбедивме пари за финансирање на тоа и тоа здружение. Замислете, никој не го повикува господинот Заев да даде исказ дали тоа е така или не е така, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во судски процеси се доставуваат докази дали нешто се случило или не. Газда на медиум што бил провладин одговара, специјален јавен обвинител одговара. Времињата се сменија. Не е време на режимот кога комплетното Сваровски судство беше под власта на Груевски. За разлика од тој што го монтирал и организирал “Рекет“,  јас го пријавив. И, тоа е поткуп, а не рекет, рече Заев.

ТНа тоа Мицкоски праша како може да нема кредибилитет и да не се верува на изјава на некој кој  му се јавувал лично по телефон на Заев и  имал таков однос со него. Тој исто така инсистираше  Заев да покаже документ дека навистина го пријавил  „Рекет“, а на врдењето на Заев дека го направил тоа усно на состанок во Обвинителството, го оцени тоа како потврда за односот на власта кон судството, со оценка дека никогаш нема да имаме реформирано судство ако вака се пријавува криминал.Заев реплицираше дека тој постапил како секој граѓанин кој изнесува сомневање за направен криминал и тоа треба да го прават сите.

За последната снимка Заев го повика Миодраг Дада Давидовиќ да каже кому ги дал парите, со додавка дека ги дал во времето на владата на Груевски, а не оваа.

-Се што се прави од ваша страна се прави со интриги, со комплетно блокирање на процесите, за пари, за моќ и за власт, комплетно еднакво со режимот со кој се боревме 11 години, рече Заев.