За испрашување учениците ќе одат во училиште
Од учениците кои ќе следат настава онлајн ќе се бара за испрашување да се појават во училиште, затоа што претходното искуство покажало дека нема метод за оценување на децата онлајн.
– Училиштата ќе добијат посебни упатства за оценување на учениците кои наставата ќе ја следат on-line, односно преку интернет, најави на денешната прес конференција министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Иако наставата ќе се одвива преку интернет, оценувањето на учениците ќе биде со нивно физичко присуство во училиштата.
– Се подготвува посебно упатство за оценување. Што ни е исклучително важно затоа што on-line наставата треба да го даде максимумот што може со on-line настава. Но, минатата година оценувањето не беше уредено. Сега велиме – оценувањето ќе треба да се спроведува со физичко присуство и тоа ќе треба да се организира во групи, секако, ако епидемиолошките услови во општината го дозволуваат тоа – рече Царовска.
Школската година ќе заврши на 10 јуни, откако Владата минатата недела го одложи почетокот на учебната 2020/2021 година и наместо на 1 септември, ќе почне на 1 октомври, под посебни протоколи и планови за одвивање на наставната програмата.
„Учебната година почнува вообичаено на 1 септември, но по исклучок може, како што е сега, наставната програма да почне на 1 октомври. Се работи на скратени програми. Законот гарантира дека скратената програма нема да биде под 100 часа. Овој пат Бирото за развој на образованието ги крати програмите за само бројот на денови што би требало да го надминат 10 јуни, за да можеме да ја завршиме школската година на 10 јуни, а притоа септември ни е празен. Ќе имаме 159 денови кои ќе треба да се адаптираат во програмата, наместо 180. Бирото ги работи и денес треба да бидат доставени до мене. Секако се поедноставува програмата затоа што часот е 30 минути и сите овие програми со упатство за употреба ќе треба да бидат доставени до училиштата во петок“, рече Царовска по средбата со директори на основни и средни училишта во земјава.
Училиштата се затворени од 10 март, а учениците ја завршија школската година преку онлајн настава, која беше доста критикувана и од учениците, родителите и наставниците.