Вирусот во Битола се шири со геометриска прогресија


Короната прави кластери во текстилна фабрика, комунално претпријатие, приватни фирми, меѓу медицински лица, невработени и пензионери

 

БИТОЛА – Со геометриска прогресија расте бројот на заразени од Ковид-19 во Битола, односно за многу кус период се удвои бројот на позитивни случаи. Само во последните две недели регистрирани се 42 нови случаи, што е 38,5 проценти од вкупната бројка на заразени од почетокот на корона кризата во градот. Со ова вкупниот број на заболени до Битола достигна 109. За истиот период од 11 јули до денеска (25 јули) оздравеле само 13 лица. Од заболените се хоспитализирани 17 битолчани.

„Состојбата на пациентите од Битола е стабилна“, велат од Битолската болница.

Она што е карактеристично во последниот период што новозаболените негираат претходна поврзаност со лица позитивни на вирусот. Само во изминатите денови има неколку заболени кои не дале податок за контакт со заразено лице, велат од Министерството за здравство.

Вирусот во градот под Пелистер во последниот период се шири и прави кластери не само во потесните опкружувања на заразени семејства, туку и во текстилна фабрика, јавно комунално претпријатие, приватни фирми, меѓу медицински лица, невработени и пензионери, кои исто така негираат контакт со заболени.

„Од каде да знаеме како се заразил мојот дедо, кога единствено што излегува од дома е до продавница и аптека; дури не се гледа ни со нас внуците“,  вели внука на пензионер од Битола.

Меѓу заразените во последните денови има млади лица, а дел од нив се асимптоматски, така што кај 22-годишна девојка присуството на вирусот е откриен при тестирање за патување во странство.

Вчера на Фејсбук вработени во кафетерија во Битола објавија дека заради присуство на симптоми карактеристични на вирусот кај дел од нив локалот се затвора, а тие одат во изолација, сѐ додека не се потврди за што се работи.

Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, кој со математички модели изготвува статистички анализи за состојбата со корона вирусот во државата, при последната анализа за Битола вели дека епидемијата забрзува, а бројките се удвојуваат.

„Во Битола пред околу еден месец подмолно стартуваше експоненцијалниот раст на бројот на Ковид-19 случаи и моментално е во тек зголемување на вкупниот број по геометриска прогресија. Тоа со голо око сѐ уште не се гледа на обичната линеарна скала, но на логаритамска скала правата линија после 12 јуни укажува на експоненцијален раст. Тоа значи дека во еднакви временски интервали бројките не растат во еднакви чекори, туку се дуплираат“, вели Трајковски.
Времето на дуплирање на бројот на дијагностицираните случаи во Битола (а заедно со нив и на скриените, асимптоматски случаи и потенцијални заразувачи) моментално е 26 дена. На почетокот темпото на додавање на нови случаи е бавно, а потоа станува се побрзо и побрзо (епидемијата забрзува), бидејќи базичниот репродукционен број R0 во Битола е над единица веќе подолго од еден месец“, анализира Трајковски.

Ако продолжи вака професорот Трајковски анализира дека за еден месец бројот на заразени во Битола ќе дојде на 200 случаи, а за уште еден месец и до близу 400, тврди професорот Дејан Трајковски.

„Ситуацијата повеќе не ни е добра како до пред еден месец и бара многу повеќе внимание“, смета Трајковски. (А.Б.)