Словенија на чело на Советот за безбедност на ООН во септември


Љубљана – Словенија го презеде ротирачкото претседателство со Советот за безбедност на Обединетите нации во септември, објави порталот „Словенија тајмс”. Септември е еден од најинтензивните месеци за организацијата, бидејќи светските лидери се собираат во Њујорк за општа дебата при отворањето на сесијата на Генералното собрание.

Словенија официјално ќе ја преземе оваа улога денеска, кога ќе ја претстави својата работна програма пред останатите 14 членки на Советот за безбедност. Претставникот на земјата во Советот, амбасадорот Самуел Жбогар, веќе се премести во претседателската канцеларија на организацијата.

Учеството на Словенија во Советот за безбедност на ООН како непостојана членка започна на 1 јануари оваа година.

Главниот настан за време на едномесечното претседателство на Словенија ќе биде отворена дебата на високо ниво, наречена „Лидерство за мир“, која ќе се одржи на 25 септември за време на општата дебата.

Претседавањето со дебатата ќе го води премиерот Роберт Голоб, а ќе се дискутира за значењето на Советот за безбедност на ООН во сѐ повеќе поделен свет.

Голоб истакна дека Словенија го презема кормилото на Советот за безбедност на ООН во тежок момент, кога органот „изгледа сѐ помалку успешен во решавањето на конфликти, и неговата улога е ограничена иако сѐ уште незаменлива“.

„Сесијата на 25 септември, за време на која извештај ќе поднесе генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, има за цел да го поттикне Советот за безбедност да ја преиспита својата релевантност во момент кога светот се движи во погрешна насока. Ќе се фокусираме на три конфликти, каде што сметаме дека Советот за безбедност не ја игра улогата што се очекува од него: Украина, Газа и Судан“, изјави Жбогар во неодамнешно интервју за словенечката агенција СТА.

За време на словенечкото претседателство ќе има најмалку три дискусии за Блискиот Исток. Една од нив ќе се фокусира на израелските населби на Западниот Брег, друга ќе се фокусира на хуманитарната помош, а исто така е планирана неформална средба со лидерите на Арапската лига.

„Ќе се обидеме да ги насочиме дискусиите кон иднината, кон решение со две држави и како да започнеме политички процес кој ќе ја отстрани иницијативата од Хамас и други групи. Ги поддржуваме напорите на САД, Египет и Катар за прекин на огнот и сметам дека многу работи можат да се случат до средината на септември“, додаде Жбогар, кој е поранешен специјален претставник на ЕУ за Косово.

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, вети дека земјата ќе продолжи да делува на „обединувачки начин, за зајакнување на вечните вредности на ООН и за поконзистентно почитување на Повелбата и резолуциите на Советот за безбедност“.

Фајон ќе претседава со дебата за Авганистан во средината на септември, со фокус на правата на жените, како и со редовната сесија за израелските населби на Западниот Брег ден подоцна. Кон крајот на месецот, таа ќе претседава со затворена сесија на Советот за безбедност со лидерите на Арапската лига.

Жбогар изјави дека во септември треба да бидат разгледани и многу други кризи, особено во Африка, вклучувајќи го и Судан.

Како претседавачка земја, Словенија ќе се потруди да внесе нови перспективи во некои од дебатите. „Нашето водечко начело ќе биде да се слушаме, разбираме и зборуваме едни со други“, рече Фајон, цитирана од „Словенија тајмс”.

Словенија, исто така, ќе се обиде да ги ублажи несогласувањата меѓу амбасадорите, барем на лично ниво, преку „разговори на каучот“ – неформални средби без дневен ред, започнати неодамна од Кина и повторно актуелизирани од Русија.

Покрај тоа, Словенија ќе претседава со Советот за безбедност уште еднаш пред крајот на својот двегодишен мандат како непостојана членка, во декември 2025 година.

Советот за безбедност е еден од шесте главни органи на ООН. Првото заседание го одржа на 17 јануари 1946 година. Слично на ООН, Советот за безбедност е основан по Втората светска војна како обид за надминување на недостатоците на Лигата на народите во одржувањето на светскиот мир. Советот за безбедност на ООН се состои од 15 членки, од кои пет се постојани: Русија, САД, Франција, Обединетото Кралство и Кина. Овие постојани членки имаат право на вето на секоја резолуција на Советот за безбедност, вклучувајќи ги и оние поврзани со приемот на нови членки или кандидатури за генерален секретар. Советот за безбедност има и 10 непостојани членки, избрани за двегодишен мандат на регионална основа.