Само Масимо од ѕвездите знаеше да се јави и да ме праша што правам и дали сме сите дома добри, вели Бобан Милошески од „Авалон“

Генерациски бевме на иста бранова должина кога се естетиката и вредносниот код од бивша Југославија во прашање и мислам дека тука најмногу се најдовме, вели за соработката со Масимо Савиќ, првиот човек на „Авалон продукција“


Пред да излезе на сцена, сакал мир. Тишина и неколку моменти да се концентрира. И бакнеж од неговата сопруга Ени. Генерации слушатели ќе се сеќаваат на уникатниот глас на Масимо Савиќ и неговиот сестран уметнички талент. Не напушти ненадејно и прерано, на 61 година, бргу после спектакуларниот концерт во загрепска Арена, каде одбележа 30 години од својата кариера (5 ноември) . Од почетокот на новиот милениум, со албумот Вјештина, тој се впушти во веројатно најинтензивниот дел од неговата кариера. Од тој момент, тој никогаш не се симна од врвот на хрватската поп-рок музика и хитовите како „Зар више нема нас“ или „Из једног погледа“, кои достигнаа повеќе од 15 милиони прегледи на YouTube, а особено „Малиот круг на големи луѓе“, се величествени сведоштва за неговиот препознатлив глас и талент.

Бобан Милошески од „Авалон продукција“ кој ги организираше концертите на Масимо во Македонија и во регионот ( два во Универзална, три во НОБ, два во Македонска филхармонија,  во Амфитеатрите во Охрид и во Битола, на Летната сцена во Ниш) е еден од ретките од Македонија кој може да ни открие каков беше Масимо и професионално и како човек.

Само за „Независен“  ни рече, „ќе се потрудам да бидам што е можно пократок, а искрен сум секогаш или пак воопшто не зборувам на одредена тема“.

– Јас сум специфичен човек и никогаш пријателствата не сум ги сметал по количина на дружба, туку по емоционална хемија и квалитет. Гледано од таа гледна точка, од денот кога сум го запознал Масимо, пред 13 години до денешен ден тој е еден од моите најблиски пријатели… без разлика што сум го гледал многу помалку од други личности во мојот живот, вели Бобан.

Тој е единствениот од оваа индустрија (се разбира дека Каролина, која ми е фамилија нема конкуренција во овој контекст) кој знаел да дигне телефон и да се јави да ме праша што правам и дали сме сите дома добри, ,,зато што је у зраку осетио да нешто нисам добар и да сам нервозан”. Тоа го правеше на многу интересен old school начин, барајќи ме од домашен фиксен телефон, кој го имав меморирано како ,,Масимо дома”.

Едноставно, иако неколку години постар од мене, генерациски бевме на иста бранова должина кога се естетиката и вредносниот код од бивша Југославија во прашање и мислам дека тука најмногу се најдовме.

Човекот отиде неверојатно брзо и достоинствено. Јас слушнав за болеста буквално 3 недели пред неговата смрт и знаев едноставно дека ,,Вјештине бутик” во Скопје нема никогаш да се случи, иако специјално поради мене (затоа што му кажав дека Вјештина 1 и 2 му беа омилени албуми на Данче, со кои не ,,отру” од пуштање во кола) требаше да ги работиме на 23 и 24 февруари во Скопје.

Бидејќи веста за смртта стигна во моментите пред да тргнам за во Филхармонија, пред почетокот на маратонот со Каролина, Дуке и Исмаил, некако го потиснав тоа изминативе неколку дена, но морам да признаам дека се чувствувам како да изгубив многу близок пријател, сподели со „Независен“ Милошески.

Комеморацијата за Масимо ќе се одржи денес, на 30 декември 2022 година во Хрватскиот народен театар во 11 часот. Во фоајето на Хрватскиот народен театар ќе има и Спомен книга во која ќе може да се потпише секој што ќе посака.

Последното збогување ќе биде во вторник на 3 јануари во 11 часот на Градските гробишта Задар. „И комеморацијата и последното збогување се отворени за секој кој сака уште една шанса да се збогува со Масимо“, соопштија од  Aquarius Records.