Путин пристигна во Монголија, која може, но нема да го апси


Руската телевизија јави дека претседателот Владимир Путин денеска пристигна во Монголија, што е негово прво патување во земја членка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), откако беше распишана потерницата против него.

МКС и украинските власти ја повикаа Монголија да го уапси Путин, кого судот го бара поради сомнение за нелегална депортација на украински деца во Русија, но портпаролот на руското претседателство, Дмитриј Песков, минатата недела изјави дека Кремљ нема причина за загриженост во поглед на ова прашање.

Тој додаде дека „сите аспекти од посетата биле внимателно подготвени однапред“. Како и сите други земји-членки на Римскиот статут, кој го основа МКС, „Монголија има обврска да соработува со овој суд“, изјави неговиот портпарол Фади ел-Абдалах.

Доколку една земја-членка не ги исполни своите обврски кон МКС, тој суд може да го упати случајот до собранието на земјите-членки кои се состануваат еднаш годишно, но проблемот е што потенцијалните санкции всушност се ограничени на усно предупредување.

Тоа го поткрепува и фактот што во минатото во земјите потписнички на Римскиот статут патувале и други лица по кои овој суд издавал потерници, како што е поранешниот судански диктатор Омар ал-Башир, без никој да ги попречува.

Монголија го потпиша Римскиот статут во 2000 година, а потоа го ратификуваше во 2002 година. Монголија се наоѓа на трасата на планираниот нов гасовод што ги поврзува Русија и Кина.

Со години Русија преговара за изградба на гасовод кој годишно ќе пренесува 50 милијарди кубни метри природен гас низ Монголија од рускиот регион Јамал до Кина.