Прво го антиквизираа, а сега ќе го прават Скопје модерно

ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Можеби Данела Арсовска навистина се залага за „модерно Скопје“, но нејзината улога на понтонски мост преку кој ВМРО-ДПМНЕ ќе им се додвори на гласачите кои беа избезумени од она што му беше направено на главниот град, ја става во лажна ситуација

 

Повозрасните сигурно се сеќаваат на една од најбесмислените изјави за време на крвавиот распад на Југославија. Божидар Вучуревиќ, поранешен професионален возач на камиони, кој на првите избори стана градоначалник на Требиње во Босна и Херцеговина, правдајќи ги нападите на Дубровник од неговиот град (кој беше логистичка база на ЈНА) изјави: „Ако треба, ќе направиме уште поубав и постар Дубровник“.

Ова може да биде своевидна паралела за тоа како ВМРО-ДПМНЕ преку својата привидно независна кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, сака да ја смени кожата – и откако го антиквизираа срцето на главниот град и се обидоа да го сменат идентитетскиот код на Македонецот, сега ќе го правеле Скопје модерно!

Тоа би требало да биде некаков коперникански пресврт во политиката на ВМРО-ДПМНЕ, но не е. Вмровците би сакале да се дистанцираат од она што го направија кога Никола Груевски беше и премиер, и претседател, и градоначалник на Скопје, и градоначалник на Општина Центар, но тоа да не го направат јасно со нивната понудата, туку да ја искористат Данела Арсовска таа да ја заврши работата за нив. Без тие чисто да се изјаснат.

Можеби Данела Арсовска навистина се залага за „модерно Скопје“ и не ѝ се допаѓа „Скопје 2014“, но нејзината улога на понтонски мост преку кој ВМРО-ДПМНЕ ќе им се додвори на легиите гласачи кои беа избезумени од она што му беше направено на главниот град, ја става во лажна ситуација. Како жена која официјално не е член на партијата таа да биде личноста која ќе треба да му стави некакво белило на вмровскиот образ.

Настрана некои нејзини егоцентрични и во најмала рака чудни изјави („Имам достигнувања коишто ниедна индивидуа во Европа не успеала да ги направи“) или дека ќе прави од Скопје „паметен град“ (таа програма сегашниот градоначалник ја спроведува уште од март годинава) главната улога на Данела Арсовска е рехабилитација на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Доколку успее тоа ќе биде голема работа лично за неа, а огромна за ВМРО-ДПМНЕ.

Погледнете го наративот на опозицијата во Скопје и во неговите општини. Точно е дека некои градоначалници од редовите на СДСМ не само што не ја оправдаа довербата на жителите, туку успеаја да свртат голем дел од гласачите против партијата. Но главната политичка мантра дека е време за промени во Скопје, може на прв поглед да изгледа како примамлива порака, но таа едноставно не соодветствува на фактите. Петре Шилегов е првиот градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ. Претходно Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ во два мандати го водеше главниот град. Пред него беше Трифун Костовски со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Пред него два мандати беше либералдемократот Ристо Пенов (првиот го доби со вмровска,  а вториот со сдсмовска поддршка). Во Аеродром и Кисела Вода (откако двете станаа посебни општини) цело време беа раководени од вмровски кадри, освен во овој мандат. Така што, порака во основа не е промени – туку враќање на старото, да го снема „инцидентот“ од пред четири години.

И кога поранешниот министер за финансии Трајко Славески, како прв на листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ за градот Скопје, пред некој ден ќе изјави дека „скопјани повеќе не сакаат Скопје да е во застој“ (антиквизацијата изгледа дека била главниот погон за развојот на градот) и дека со поддршката на програмата за модерно Скопје на независната кандидатка Данела Арсовска „ги решаваме децениските проблеми на скопјани“, тој како да признава дека кадрите од неговата партија претходно не направиле ништо. Или многу малку. Кога Славески вели дека ќе го направат Скопје „град со достапен и ефикасен еколошки јавен превоз“ како да мисли дека скопјани не ги гледаат двоспратните кинески автобуси со минимални еколошки стандарди, кои владата на неговата партија ги набави за големи пари за да кокетираат со сеќавањата десетината автобуси од минатото. Тогаш тоа беше „генијален“ печат за поврзување на минатото и сегашноста на Скопје. Сега, како тоа да не се случило, ќе прават „уште поубаво и помодерно Скопје“.

Во политиката е вообичаено да се залагаш за нешто кое е спротивно од она што си го правел. И да се даваат ветувања кои некогаш немаат допирна точка со здравата логика. Така е и со овие локални избори. Граѓаните се бомбардирани со секакви пораки. Но главното прашање е дали партиите разбираат колкав и каков одглас имаат тие кај граѓаните.