Пендаровски за Рамковниот: Премногу жртви дадовме, премногу време изгубивме, за да се враќаме назад
„Денеска се навршуваат 19 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на воениот конфликт во 2001 и се поставија темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници. Договорот беше резултат на едномесечни преговори со поддршка од претставниците на Европската комисија и од САД. Договорот се покажа како клучен за зачувувањето на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата.
По скоро две децении, со неговото спроведување, нашата земја ги зачува мирот и стабилноста, и постави највисоки стандарди за правата на заедниците. Денес, не постои причина да се сомневаме во иднината на мултиетничка и мултикултурна Република Северна Македонија која како член на НАТО, и се надевам во скоро време како членка на Европската Унија, нуди перспектива и благодат на сите свои граѓани. Да не дозволиме ништо да ги наруши единството, соживотот и меѓусебната почит. Мораме да ги оставиме конечно во историјата сите конфликти и недоразбирања. Да продолжиме да ја следиме визијата за иднината и да работиме за просперитетот и за доброто на сите наши граѓани.
Охридскиот договор не беше лесно да се постигне. Во оваа прилика мора да им оддадеме признание на лидерството на претседателот Борис Трајковски и на претставниците на политичките партии како потписници на Договорот. Заедно со поддршката на меѓународната заедница која е перманентна сиве овие 19 години и која никогаш не престанала да ја поддржува нашата земја, во 2001-та година нашето политичко лидерство спречи ескалација на конфликт кој ќе донесеше огромни човечки загуби и разорувања и во кој никој не победува.
Охридскиот договор немаше за цел да инаугурира победници и да прогласи поразени. Тој е основата за градење соживот за сите граѓани на Република Северна Македонија. По две децении не смееме да имаме делби и скепса. Да останеме посветени на економскиот напредок и на благосостојбата на сите наши граѓани и сложно да се соочиме со сите предизвици. Токму пандемијата со КОВИД-19 е сериозен тест за нашата функционалност, организираност, но и солидарност и заедништво. Премногу жртви дадовме, предолг пат изминавме, премногу време изгубивме, враќање назад нема, одиме напред сплотени и обединети, напиша Пендаровски на ФБ.