ОБСЕ се уште без шеф затоа што членките не успеваат да постигнат консензус
Виена – Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не успеа да се договори за кандидат кој ќе ја води меѓународната организација со седиште во Виена, јави ДПА.
Мандатот на германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар заврши вчера без консензус за тоа кој треба да ја наследи, објави на Х претставничката на Малта. Малта моментално претседава со ОБСЕ.
ОБСЕ е составена од 57 држави од Европа, Северна Америка и Азија. Нејзината главна задача е да ја промовира безбедноста и стабилноста преку дијалог и соработка.
Според дипломати, Малта го предложила поранешниот албански министер за надворешни работи Игли Хасани за нов шеф. Тој ќе беше дел од пакетот персонал со дипломати од Холандија, Грузија и Норвешка кои ќе пополнат други највисоки места во ОБСЕ.
Но, Русија се спротивстави на пакетот, дознава ДПА од дипломатските кругови. Незадоволни биле и Грција и Турција, бидејќи нивните кандидати не биле разгледани.
Функционери на ОБСЕ сега ќе управуваат со организацијата додека не се најде дипломатско решение.
Поранешната висока дипломатка на ЕУ Шмид беше назначена за генерална секретарка на ОБСЕ на крајот на 2020 година. Минатиот декември мандатот и беше продолжен до почетокот на септември. Москва не се согласи на подолг период.
На денешната прес-конференција Шмид истакна дека ОБСЕ исполнува важни функции и покрај сегашните тензии. Таа посочи дека организацијата е основана за да ги држи отворени дипломатските канали за комуникација. И покрај војната во Украина, дипломатите од сите земји на ОБСЕ, вклучувајќи ги Русија и Украина, се среќаваат во Виена на неделна основа.
ОБСЕ може да ги следи прекините на огнот по завршувањето на конфликтите во Украина и на други места, рече Шмид.
– Кога ќе дојде денот, и ќе дојде, ќе ја имаме експертизата, рече Шмид, која се кандидира за претседателка на Генералното собрание на ОН во Њујорк следната година.