ЕУ прогледа низ прсти за 27 април, ама тешко ќе „амнестира“ за СЈО

ЕУ прогледа низ прсти за 27 април, ама тешко ќе „амнестира“ за СЈО
Речиси две години подоцна, во Кривичниот суд во Скопје ќе биде соопштена пресудата на судечкиот совет, предводен од Добрила Кацарска, за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година. Иако Обвинителството за организиран криминал покрена обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок против триесетина лица, денеска ќе им биде пресудено само на 17, затоа што другите петнаесетина обвинети, меѓу кои и петтемина опозициски пратеници, беа ослободени од одговорност со донесувањето на Законот за амнестија, како политичка одлука во екот на „потрагата“ по двотретинско мнозинство за уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.

Деновиве, во парламентот се води нова „потрага“ за обезбедување 80 гласа откако мнозинството што беше скроено за уставните амандмани се покажа неодржливо за решавање на статусот на Специјалното јавно обвинителство. Политичките математики велат дека обезбедувањето на потребното мнозинство во овој случај може да биде потешко отколку за промената на името на државата, со оглед на тоа што од предметите на СЈО, покрај ВМРО-ДПМНЕ, директно или индиректно се засегнати и пратеници од независната пратеничка група (најмалку четворица), како и од мнозинството, како што е лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој беше осуден неодамна на тригодишна затворска казна за „Титаник 2“, додека координаторот на ДУИ, Ејуп Алими, е обвинет во другиот предмет за изборни нерегуларности - „Титаник 3“.

Од Министерството за правда најавуваат дека следната недела ќе се одржи средба за разгледување на амандманите и забелешките на ВМРО-ДПМНЕ во однос на законот за јавно обвинителство што го подготви Владата. Дотогаш, како што велат од Министерството за правда, на опозицијата ѝ се остава простор да го разгледаат текстот на законот и да подготват амандмани. Моментно, според владини извори, има 68 гласа за новиот закон за јавно обвинителство, при што се остава простор да се обезбедат уште седум гласа во текот на политичките преговори, што значи дека повторно би недостигале пет гласа за да биде донесена регулативата со која се решава статусот на СЈО. Од друга страна, по симнувањето Преспанскиот договор од дневен ред, сега мандатот на СЈО се смета за еден од главните критериуми за земјава пред одлуката на ЕУ во јуни околу почетокот на преговорите. Проценките во политички кругови се дека, во случај на повторно одложување на почетокот на преговорите, поради нерешен статус на СЈО, а како резултат на опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ, не е исклучена нова политичка нестабилност, па и турбуленции во Владата.

-Ако законот за јавното обвинителство не биде донесен до крајот на овој месец, тешко е да се очекува дека ќе успееме да добиеме почеток на преговори со ЕУ, оценува висок владин функционер.

Во последниот објавен извештај на Европската комисија, од минатата година, посебен акцент се става на потребата да се создадат услови за СЈО да продолжи со истраги и гонења.

-Работата на СЈО е важен придонес во борбата против корупцијата на високо ниво. Во моментов има неколку случаи на корупција на високо ниво пред судовите. Иако евиденцијата за случаите на корупција е создадена пред неколку години, треба да се вложат повеќе напори за истраги, гонење и осудување на таквите случаи. СЈО се соочува со помалку опструкции од судовите, со што му се овозможува поефикасно работење. За да се спроведат вонредните препораки и да се осигури дека судството функционира без непотребно влијание, ќе бидат потребни постојани напори, се наведува во извештајот на ЕК.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Сител, изјави дека ќе бара комисија составена од членови на политички партии да направи комплетна ревизија на работењето на СЈО бидејќи имало индиции дека во СЈО не се работело според закон. Паралелно, премиерот Зоран Заев, во интервју за Канал 5 изјави дека СЈО покажало капацитет, што било препознаено дома, но и од страниците кои помагаат во реформите во правосудниот систем. Заев оцени и дека СЈО долго време било единствена искра надеж за враќање на правната држава.

Во извештајот за напредокот на Македонија на ЕУ лани имаше директна препорака и за расчистување со насилствата во парламентот од 27 април: „Насилството извршено во Собранието во април 2017 година беше напад врз демократијата. Треба да се утврди одговорност за оние кои ги организирале овие инциденти. Прашањата поврзани со безбедноста во Собранието треба итно да се решат“.

Сепак, дипломатите им прогледаа низ прсти на македонските власти кога го донесоа Законот за амнестија, а потоа и за измените во Кривичниот законик, што беа направени за да се обезбеди мнозинство за уставните измени. Затоа, пак, пред извесно време е отворена нова истрага за организаторите на настаните на 27 април, кои не се опфатени со Законот за амнестија, исто како и директните учесници во насилствата во Собранието. Во новата истрага осомничени се и поранешните премиер и претседател на парламентот Никола Груевски и Трајко Вељаноски, како и поранешните министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.

Во процесот, пак, за кој денеска ќе се чита пресудата останаа Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски, Јане Чентo, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски Кољо и Александар Василевски-Нинџа. За кривичното дело за кое се товарат на нив им се закануваат затворски казни од минимум 10 години.

Александра М. Митевска

Споделување со вашите пријатели: