Криминални пропусти стојат зад трагедијата во Ласкарци

Криминални пропусти стојат зад трагедијата во Ласкарци
Возачот на автобусот, кој однесе во смрт 15 луѓе што тој ден тргнале од работа или од факултет се враќале од Скопје кон Гостивар, возел со 99 километри на час. Кај селото Ласкарци изгубил контрола над управувачот, односно воланот. Од средната коловозна лента по која возел, преминал на левата коловозна лента, ја пробил оградата, преминал на спротивните ленти и преку стариот пат кој води од Тетово кон Скопје прелетал во нивата кај Ласкарци. Возачот кочел кога ја преминал заштитната ограда помеѓу коловозните ленти во двете насоки, но поради преголемата брзина со која се движел и поради неисправните сопирачки не можел да ја спречи трагедијата. Според пропишаните правила, возачот на автобусот, кој е тежок 15 тони, не смеел да ја пречекорува брзината од 80 километри на час, додека возилата под 3,5 тони може да возат до 100 километри на час.

Возачот бил дијабетичар, но медицинските вештачења утврдиле дека во моментот на несреќата тој немал никакви тегоби кои би влијаеле врз неговата состојба, не зборувал ниту на мобилен телефон ниту, пак, користел некоја апликација.

По точно еден месец од големата трагедија, раководителот на Основното јавно обвинителство Сашо Рајчев излезе со детали за предистражната постапка што ја водел и откри огромни пропусти што довеле до трагедијата.

Сопственикот на компанијата „Дурмотурс“, Дурмиш Белули, своите автобуси ги прегледувал во фирмата која е во негова сопственост, во станицата за технички преглед „Авто мото здружение“. Фирмата, која е во сопственост на Белули, законски може да врши технички преглед на возилата од компанијата „Дурмотурс“ бидејќи се различни правни субјекти, односно различни компании, иако имаат ист сопственик. Но ова законско решение во овој случај ги покажа своите слабости. Станицата за технички преглед во сопственост на Белули го прегледала автобусот на смртта во јули минатата година. Иако сопирачките на автобусот не биле исправни, функционирале делумно и со недоволен капацитет за автобус кој треба да превезува патници, сепак на автобусот му била издадена документација дека е целосно исправен. Во декември 2018 година на автобусот требало да му биде направена уште една редовна контрола, но била пропуштена, и покрај проблемите со сопирачките. Неисправниот автобус продолжил секојдневно да превезува патници на релација Скопје - Гостивар сè додека не се случи кобната несреќа.

Обвинителството отвори истрага против шест лица, а против уште едно лице е отворена кривична постапка. За несреќата се осомничени сопственикот и управител на „Дурмо турс“, Белули, раководителот на компанијата, тројца вработени во станицата за технички преглед и возачот на автобусот.

Сопственикот и управител, Белули, единствено поседувал сертификат за професионална компетентност во правниот сообраќај врз основа на кој сертификат е издадена лиценцата за превоз. Според обвинителство, сопственикот не ги почитувал своите обврски врз основа на законските прописи, не го организирал автобускиот превоз согласно тие прописи. Евиденцијата на возачите и нивното работното време, на превозот на патните линии и слично го препуштил раководењето со возниот парк на раководителот иако тој не поседувал таков задолжителен сертификат.

Тој не водел грижа за исправноста на тахографот, а раководителот на компанијата инсталирал уред во автобусот со кој се манипулира тахографот за да не ја евидентира точната брзина на движењето на автобусот. Тројцата вработени во станицата за технички преглед на неисправниот автобус му издавале валидна документација. На возачот му се става на товар тоа што возел со недозволена брзина и го активирал уредот за манипулација на тахографот за да не ја евидентира реалната брзина. Седмиот осомничен работел во друго право лице и не е опфатено во истражната постапка, за него во тек е кривична постапка за несовесно работење во службата бидејќи издал потврда дека тахометарот што бил инсталиран во автобусот е целосно исправен и издал потврда без да направи проверка.

Сите седум лица вчера беа приведени, за шестмина обвинителството побара да им биде одреден притвор, а за седмиот осомничен се бараат мерки за претпазливост. Шестемина осомничени се товарат за кривично дело тешки дела против безбедноста во сообраќајот.

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи и надлежните инспекции ги проверуваат издадените лиценци и од МВР не соопштуваат повеќе детали.

На 13 февруари автобус полн со над педесет патници излета од патот и се преврти. Жителите на Ласкарци беа први на местото на трагедијата. Следниот ден кога се вршеше увид и се подигнуваше автобусот раскажуваа дека со раце го кревале автобусот за да ги извлечат приклештените патници кои викале помош. Жител од селото од фирма од Желино донел багер со кој го кревале автобусот кој бил превртен на покрив и ги ваделе патниците. На самото место веднаш пристигнаа противпожарните служби и Брзата помош. Седум загинаа на самото место, а останатите осум им подлегнаа на повредите во скопските болници. Билансот на несреќата е 15 загинати и 39 потешко и полесно повредени. Најголем дел од повредените веќе се пуштени на домашно лекување, но сè уште во критична состојбата е 19-годишната девојка чија нога беше ампутирана.

Фросина Факова - Серафиновиќ

Фото: Борис Грданоски

Споделување со вашите пријатели: