Паушал од 10.000 денари, спортска опрема до 150 евра, ноќевање во Горица за делегатите на Собранието во ФФМ

Паушал од 10.000 денари, спортска опрема до 150 евра, ноќевање во Горица за делегатите на Собранието во ФФМ
Десет илјади денари, спортска опрема во износ до 150 евра, ноќевање, патни трошоци и, секако, задолжителен ручек. „Независен весник“ неофицијално дознава дека ова се бенефити за секој делегат во Собранието на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) што е најавено за викендот (17 март) во хотелот „Горица“ во Охрид. Настрана можноста за патувања или ротирање на патувања со репрезентацијата на гостувања во квалификации за ЕП, за СП, во Лигата на нации или за пријателски натпревари.

Поканата за учесниците во работата на највисокото тело на ФФМ кои треба да бираат и нов претседател (Муамед Сејдини е единствен кандидат) важи од сабота до недела попладне. Колку за споредба, делегатскиот паушал во минатото беше двојно помал и изнесуваше 5.000 денари.

„Комплетот“ што е предвиден за делегатите се однесува и за членови на Управниот одбор (УО) чиј надомест за учество во телото, неофицијално, вреди околу 28.000 денари месечно. Ова се дел од причините за силната борба за делегатски статус преку 26. Општински фудбалски сојузи (ОФС) колку што ги има во земјата, но и како поткрепа на неприкосновеното лидерство што ФФМ го има во однос на останатите спортски федерации во поглед на финансиите.

Неофицијално дознаваме, исто така, дека годишниот буџет за плати што беше околу 400.000 евра во моментот на преземање на Куќата на фудбалот од Илчо Ѓорѓиоски е тројно зголемен и сега е позициониран на околу 1,2 милиони евра.

Шукер како гостин од УЕФА, најавени претставници и на ФИФА, на АМС и на МОК

На претстојното редовно Генерално Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во Охрид е потврдено учество на неколку високи претставници од домашни и меѓународни институции. Меѓу нив ќе бидат Давор Шукер, член на Извршниот комитет на УЕФА, а од европската централа во Нион ќе дојде и Алекс Филипс, раководител за управување и усогласеност.

Претставник од ФИФА ќе биде Хејди Беха, менаџер за развој при Светската фудбалска асоцијација. Агенцијата за млади и спорт најави присуство на директорот Дарко Каевски доколку му дозволат работните обврски, во спротивно на Собранието ќе се појави Томислав Андоновски, раководител на секторот спорт.

Претседателот Васил Тупурковски и генералниот секретар Сашо Поповски ќе бидат во својство на претставникци на Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Сашко Ѓ. Димовски

 

Споделување со вашите пријатели: