Функционерите пак ќе ги избираат директорите

Функционерите пак ќе ги избираат директорите
Со предложениот Закон за висока раководна служба не му се врзуваат рацете на политичкиот раководител на крајот да ги избере и назначи раководителите и директорите. Тоа, со оглед на овдешната политичка култура, и натаму може да биде пречка место партиска држава да се создаде професионална администрација, што е еден од условите на ЕУ за Македонија.

Најголемата новина во предлог текстот на законот е што сите раководителите ќе бидат избирани од Комисија за висока раководна служба од пет члена, со мандат од шест години и со плата од три просечни во земјава, или нешто над 77 илјади денари. Таа понатаму ќе формира одбори за селекција на кандидати, кои ќе се состојат, исто така, од пет члена назначени од претседателот на Комисијата за ВРС, од кои: двајца членови од Комисијата за ВРС, двајца членови кои се експерти во областа на институцијата, кои ги предлага претпоставениот функционер и еден член од базата на експерти за управување со човечки ресурси која ќе треба да се формира.

Тенденцијата на законот е изборните тела да бидат колку што е можно попрофесионални со тоа што во процесот на нивно формирање, освен политичките партии, ќе партиципираат членови од стопанските комори, ЗЕЛС и Интеруниверзитетската конференција. Кандидатите за комисијата за ВРС ќе мора да поминат на јавно сослушување кое ќе оди на собранискиот канал, а во него по теркот на формирањето на Антикорупциската комисија ќе учествуваат и народниот правобранител, како и претставници на највисоката научна установа, здруженија на новинари, граѓански организации... Тие не смеат да раководат со државни органи, да се членови на орган на политичка партија, пратеници, советници во општините и слично.

„Според предлог-законот по завршување на интервјуто, одборот ја подготвува конечна листа со најмногу три најуспешни кандидати за високото раководно место. Комисијата за ВРС потоа му ја испраќа листата на претпоставениот функционер. И тој на крајот ја донесува одлуката за избор. Ништо не правиме со вакво решение бидејќи моќта повторно е сконцентрирана кај политичкиот раководител, министерот или градоначалникот. Досега тие избираа од двајца кандидати кои поминуваа низ внатрешната комисиска филтрација“, вели професорот Борче Давитковски. Според него, не станува збор за суштинска реформа туку повеќе за козметичка промена на веќе постоечките закони.

„Ако веќе правиме независна комисија, зошто тогаш најдобриот рангиран според неа не ја преземе раководната функција туку пак ќе се ослонуваме на дискреционото право на претпоставениот функционер. Зарем така не е подобро“, прашува Давитковски.

Во досегашните законски решенија, според него, исто така се дадени прецизно условите за избор на раководители, како и за вработени на најразлични административни нивоа. „Тоа се навистина високи критериуми… Но, за жал, никој не ги почитува овие законски текстови и ја направи вистинска фарса целата процедура за избор. Полнењата со цели контингенти партиски војници не престана“, вели Давитковски.

Претходната власт изброја 129.000 вработени во јавниот сектор, а актуелната, која додека беше во опозиција, гласно критикуваше дека администрацијата е преголема, излезе со бројка од 130.000, значи со мала разлика од 1.000 вработени административци.

„Сè уште чекаме на најавената функционална анализа за да може реално да судиме. Но она што е сосема јасно е дека ни е потребна храбра и радикална реформа. Неопходни се конкретни тестирања, еден вид комплетен ‘ветинг’. Со делот во кој граѓаните директно ги остваруваат своите права не треба да се експериментира. Во овој дел може да се побара помош и од странците. Оној што ќе потфрли на тестирањата врз основа на нормата, да престане неговиот работен однос. Само така може да направиме вистинско проветрување“, смета Давитковски.

Дел од експертската јавност по првичната анализа на законот сугерираше дека треба да се укинат управните одбори, ако веќе се дава можност директорите во целост да носат општи акти. На тој начин, како што проценуваат, бројката на функционери би се намалила за 1.000.

Министерот за информатичко општество и администрација пред неколку месеци рече дека реформите на јавната администрација продолжуваат со спроведување на хоризонтална функционална анализа. Тоа, како што нагласи, значи дека институциите ќе се реорганизираат, при што е можно да се појави и потреба од укинување на некои институции, намалување на бројот на управни одбори, односно намалување на трошоците за администрацијата.

Од МИОА уверуваат дека новиот закон ќе биде гаранција дека на високите раководни позиции ќе се именуваат професионалци, а не партиски кадри. Нагласуваат дека тој ќе функционира ретроактивно, па освен идните ќе се преиспитуваат и биографиите на веќе назначените функционери на високи раководни позиции. Оттаму ги повикаа сите заинтересирани да ги поднесат своите забелешки или предлози на ener.gov.mk, каде што е објавен предлог-законот. За утре во „Клубот на пратеници“ е закажана и првата јавна расправа на која се очекува да се обратат министерот Дамјан Манчевски, државниот секретар на министерството Јахи Јахија и Неда Малеска-Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени.

Наум Котевски

Споделување со вашите пријатели: