Иванов враќа закони со Северна Македонија

Иванов враќа закони со Северна Македонија

Претседателот на државата Ѓорге Иванов одбива да ги потпише сите закони кои Собранието ги донесе под новото име на државата Република Северна Македонија, а кај него беа проследени за да го потпише указот за стапување на сила, откако беа изгласани во парламентот.

Првично биле вратени четири закони, но како што објаснуваат од Собранието враќањето продолжило. Од Собранието велат дека според процедурата, овие закони ќе се гласаат по втор пат, по што претседателот мора да ги потпише.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери,  Иванов не ги потпишал указите за Законот за изменување на Законот за оперативно-техничка агенција, Законот за дополнување на Законот за служба во АРМ, Законот за едношалтерски систем, Законот за електронски комуникации, Законот за ДДВ, Законот за пристап до информации од јавен карактер и други.

Во неговото образложение стои дека указите не ги потпишал, затоа што во неговата свечена изјава рекол дека ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Македонија.

Денеска истекува рокот во кој тој треба да потпише три укази за прогласување три донесени со двотретинско мнозинство, Закон за изменување на Законот за судови, Закон за прекршоци и Законот за управни спорови.

Иванов не ги потпишува ни Договорот од Преспа како и ни Законот за јазици, но тие беа објавени во Службен весник без негов потпис.

Споделување со вашите пријатели: