Мерко го повика Сугарески заедно да проверат каде има нерегуларности на струшкото крајбрежје

Мерко го повика Сугарески заедно да проверат каде има нерегуларности на струшкото крајбрежје
Градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко го повика министерот за транспорт и врски Горан Сугарески да дојде во Струга со надлежните инспектори и да направат контрола долж крајбрежјето за надминување на проблемот и обвинувањата за нелегално издавање на плажи под концесии.

По најавите на ресорниот министер за измени на законот, со што ќе им се одземат ингеренциите на општините Охрид и Струга да стопанисуваат со плажите долж крајбрежјето, Мерко смета дека моментално треба да има соработка меѓу локалната и централната власт.

-Го повикувам министерот да дојде во Струга со надлежните инспктори да го прошетаме крајбрежјето и да кажеме каде може да се издаваат концесии да ги издадеме и каде не може да не издаваме, а не да го упропастиме крајбрежјето во Струга. Мислам дека ако некој изјавува нешто треба да дојде на лице место да ги разгледаме сите проблеми ако ги има и заедно да постапуваме ако треба, изјави Мерко.

Тој вели дека во Општина Струга немало пристигнато ниту една преставка за нелегално градење, ниту за нешто што на некој начин му наштетува на еко-системот.

Струшкиот градоначалник смета дека се води хајка против локалната самоуправа и против туризмот во Струга, од кој егзистираат голем број семејства. Минатата година забележа дека во Охрид биле издадени, односно продолжени концесии на 30-тина плажи, но никој не реагирал.

-Во Струга нема издадено ниту една концесија и уште се прави голема врева дека тука е криминалот, корупцијата, незаконското градење … Најодговорно тврдам дека нема ништо од тоа. Само се прави хајка општина Струга да нема туризам. Струга и останатите туристички места ќе продолжат да живеат од туризам. Ќе тежнееме да направиме што подобра туристичка понуда да живее градот и да егзистира населнието, вети Мерко, додавајќи дека во Охрид се градат хотели во езерото, а никој не реагира, а за Струга се прави негативна пропаганда.

Одговори и на обвинувањата за неотстранувањето на платформите во Радожда, за кои ако се отстранат вели дека селото ќе се исели.

-Радожда е познато по тие ресторани кои служат риба. Селото егзистира од тие пет – шест ресторани, тоа е туристичко и рибарско село. За да опстанат треба да ги направиме подобри, а не да ги рушиме, рече градоначалникот, нагласувајќи дека локалната самоуправа ќе направи се за развој на туризмот, а не да ги брка туристите, кои се најзастапени еден месец во лето.

Тој побара од институциите да внимаваат и на продажбата на плажи што се вратени со денационалнзација на имотот.

Споделување со вашите пријатели: