Пронајдени двете црни кутии од авионот на „Етиопијан ерлајнс“

Пронајдени двете црни кутии од авионот на „Етиопијан ерлајнс“
Пронајдени се двете црни кутии на патничкиот авион Боинг 737 МАКС 8 кој се сруши кратко по полетувањето од Адис Абеба, објави етиопската авиокомпанија „Етиопијан ерлајнс“ еден ден по несреќата во која загинаа 157 патници и членови на посадата.

Црната кутија која ги бележи техничките податоци на летот како и кутијата која ги снима разговорите во пилотската кабина се пронајдени, објави компанијата „Етиопијан ерлјанс“ на својот Твитер профил, пренесува агенцијата АФП.

Авионот на летот ЕТ 302 меѓу Адис Абеба и главниот град на Кенија Најроби се сруши во 8:44 часот по локално време во подрачјето на градот Бишофту на 62 километри југоисточно од главниот град. Авионот полетал во 8:38 часот од аеродромот „Боле“. Пилотот по полетувањето рекол дека има потешкотии и дека сака да се врати и затоа побарал одобрување за се сврти и да се врати на аеродромот од каде полетал.

Патниците биле државјани на повеќе од 30 земји, а меѓу нив имало и доктори и хуманитарни работници.

„Етиопијан ерлајнс“ на неодредено време ја приземји својата флота авиони од типот Боинг 737 МАКС 8. Компанијата има флота од четири авиони од овој тип, не сметајќи го оној кој се сруши во неделата, според интернет страницата за следење на летовите „ФлајтРадар24“.

По несреќата во Етиопија и кина во понеделникот им наложи на своите авиокомпании до 18 часот да ги запрат летовите на авионите Боинг 737 Макс 8.

Станува збор за втора таква несреќа на ист вид авион - во септември минатата година се сруши и Боинг 737 МАКС 8 на индонезиската компанија „Лајон Ер“. И Индонезија во понеделникот исто така одлучи да ги запре сите летови на своите авиони од типот Боинг 737 МАКС 8.

Споделување со вашите пријатели: