Силјановска „пука“ по „Северна“, Пендаровски ќе помирува

Силјановска „пука“ по „Северна“, Пендаровски ќе помирува
Иако кампањата за претседателските избори официјално започнува на први април, кандидатите веќе наголемо крстарат низ земјата. Кандидатот на владејачката коалиција Стево Пендаровски, кој вчера беше во посета на Битола, сè уште предизвикува публицитет во јавноста со аферата „следење“, додека неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова, која викендов беше во Прилеп и Крушево, сè подлабоко се вкопува во рововите за одбрана на името на државата станувајќи сè поостра кон политичките ривали.

Во однос на пријавата што пред три дена ја поднел до СВР-Скопје, Пендаровски очекува брза реакција. Верува во институциите дека низ процедура ќе откријат дали бил следен или не бидејќи, како што рече, не станува збор само за него.

„Претпоставувам дека станува збор за еден подолг временски период наназад во кој одредени јавни личности, политички опоненти, великодостојници на МПЦ... се евентуално следени“, рече Пендаровски од Битола. Ваквата изјава на националниот координатор за НАТО доаѓа само ден по тврдењата на премиерот Зоран Заев дека тие што го сликале, го сликале само за да докажат каков автомобил всушност има и вози. Наспроти дисонантните тонови околу оваа епизода, Пендаровски вчера нагласи дека е на иста линија со премиерот во однос на националното помирување.

„Во наредниот период сакам да се фокусирам посебно на тој проблем. Наша задача е да иницираме процес што ќе доведе до заздравување на тие рани“, рече Пендаровски.

Силјановска, пак, овековечена и со фотографија пред споменикот „Македониум“ во Крушево, не престана да фрла со дрвја и камења по „Северна“.

„Ако е реформа да промените име, не знам каква реформа е тоа. Не, не пишува горе Северен Македониум, не пишува дека се бореле илинденците за некаква си Северна Македонија. Никогаш никој во историјата не споменувал такво нешто, впрочем ги знаеме асномските одлуки. Но и нив ги забошотија, па ги сменија со некаков проглас. Проглас не е акт, велиме ние правниците“, рече Силјановска на средбата со крушевчани. Претходно во емисијата „360 Степени“ на Алсат најави дека како идна претседателка прво би се зафатила со уставни измени, што дел од политичките познавачи го протолкуваа како излегување од рамката на ингеренциите на шеф на државата. Таа смета дека нашиот Устав не овозможува функционална демократска држава и тоа го поткрепува со начинот на поделба на власта во земјава со што моќта се концентрира кај премиерот.

„Со тоа треба да се занимаваме, а претседателот е овластен предлагач на амандмани. Јас не велам дека во еден мандат може да се направи тоа, но важно е да се соберат македонските и странски конституционалисти, веќе од некои имам и таков предлог, за да видиме кои се точките во Уставот што оневозможуваат правна држава“, рече Силјановска.

Забележливо е дека професорката по уставно право и политички системи се повеќе реагира на дневна основа и остро му возвраќа на премиерот. Преку видеопорака и на настапи пред граѓани му одговори на Заев, кој критиките за наводен „заевизам“ што тој го спроведува низ своето владеење ги нарече „завидливизам“.

„Јазичен заевизам: Да му завидуваш на умот! Тоа е значењето на „завидлизмот“! Откако го „зацврстија“ македонскиот јазик, сега уште и го збогатуваат со северно/народни елементи“, вели таа нагласувајќи дека никогаш нема сама да употреби „Република Северна Македонија“.

„Колку луѓе познавате во животот што сами промениле име? Јас еден. Колку луѓе познаваме на кои им го смениле името? Не познавам, освен моите дедовци и прадедовци на кои им ги преправале имињата...“, вели Силјановска.

Поранешниот собраниски спикер и претседателски кандидат, Тито Петковски, смета дека Силјановска е сконцентрирана на одбрана на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, во обид на мобилизација на нејзиното гласачко тело. Нејзините пораки, за жал, ја имаат во себе веќе излитената „предавничка компонента“. Тие се испраќаат на малку пософистициран начин, но во суштина не се разликуваат од востановената матрица на политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нејзината преткампања, која според мене е целосно промашена, повеќе наликува на кампања за парламентарни избори. Зборува за Уставот, а Собранието е тоа што може да го промени највисокиот правен акт на државата, па ако сакате да изврши промена и во однос на ингеренциите на претседателот, а не обратно. И на Силјановска и е сосема јасно дека за тоа е неопходна сосема нова политичка реалност. Тоа е победа на партијата што ја поддржа на овие претседателски избори, драстична промена на актуелниот распоред на силите во парламентот и обезбедување двотретинско мнозинство“, вели Петковски, кој иако по првиот круг на претседателските избори во 1999 година имаше над 120.000 гласа повеќе во однос на Борис Трајковски, во вториот круг загуби со близу 70.000 гласа разлика, по што следеа обвинувања за изборен фалсификат.

Според него, реториката на Силјановска не е својствена на универзитетски професор кој посакува да го крене комуникациското ниво на политичките конкуренти.

Силјановска неодамна тврдеше дека тоа не е нејзин стил и дека ќе даде максимален напор натпреварот меѓу двајцата колеги професори да биде таков каков што доликува и каков што очекуваат граѓаните кои стравуваат од негативна и валкана кампања, во која противкандидатот ќе се дискредитира по лична основа, со ad hominem напади, и ќе се претставува како непријател наместо како конкурент во претседателска трка.

Нејзиното интелектуално и политичко дејствување, вели Петковски, се карактеризираше со еден полиберален пристап за разлика од овие, според него, груби националистички позиции кои сега ги застапува. „Наспроти декларациите дека е натпартиски кандидат, таа јасно покажува каде припаѓа и дека не може да излезе надвор од таа лушпа на партијата која застана зад неа“, смета Петковски. Тој потсетува дека пред преземањето на должноста претседателот дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот.

„Деновиве ‘Службен весник’ донесе одлука дека повеќе нема да објавува уредби и одлуки на шефот на државата Ѓорге Иванов бидејќи не го променил називот на функцијата што ја извршува од претседател на Република Македонија во претседател на Република Северна Македонија. Јас навистина не знам како мисли Силјановска да ја извршува функцијата претседател доколку победи на изборите? Ќе дејствува спротивно на Уставот“, прашува Петковски. (Н.К.)

Споделување со вашите пријатели: